/ Прочитано:

2.627

„Небо без прашина“ – регистриран пронајдок според идеја на адвокатот Владимир Кацарски

Според идеја на адвокатот Владимир Кацарски регистриран е патент „Конструкција за превенција на рударска прашина и воздухопловна безбедност кај рудници со отворен површински коп“. Кацарски посочува дека во периодот кога се одвиваа засилени граѓански активности по повод, како што истакнува, (не)работењето на рудниците со отворен површински коп, добил идеја како да работат овој тип на рудници, а притоа да не ја загадуваат околината со својата прашина.

„Размислував на оваа тема и во една прилика во разговор со мајка ми ги разгледавме сите потребни компоненти и така се дојде до конечното решение. Поради стручното образование на мајка ми и нејзиното работно искуство како дипломиран инженер технолог, која целиот работен век го поминала во ОХИС Скопје, патентот беше поднесен на нејзино име. Напоменувам дека од целиот проект ‘Небо без прашина’ ова треба да биде првата фаза, додека втората фаза најмногу зависи од финансиите и можноста за практично и експериментално докажување на поставените хипотези“, вели Кацарски.

Тој образложува дека значењето на пронајдокот е од повеќе аспекти. Би ги набројал, додава Кацарски,  најзначајните аспекти:

  1. Обезбедување заштита од токсините на рударската прашина во околината каде што работи рудникот;
  2. Искористување на прашината како дополнителен ресурс при производството на руда, при што од неа ќе се издвои само земјениот талог, додека останатите делови ќе се искористат за производство;
  3. Можност за целосно еколошко земјоделско производство, без страв дека прашината од блискиот рудник ќе влијае врз квалитетот на производите и врз здравјето на луѓето и останатиот жив свет и
  4. Обезбедување на можности на разни воздухоплови безбедно да летаат или да слетаат во непосредна близина на рудникот ако за тоа се укаже потреба (гасење пожари, евакуација на повредени и други активности).

Во врска со постапката за регистрација, адвокатот вели дека самата постапка за регистрација се одвива во неколку делови.

„На почетокот, се пишува апликација / барање за достава на патентна пријава до Државниот завод за индустриска сопственост. Во оваа апликација / барање се наведуваат сите описи, делови и потребни компоненти на пронајдокот, неговата поставеност во рамки на техниката, неговата практична применливост, како и скици потребни да се види како практично ќе изгледа самиот пронајдок. Сето тоа се поднесува до Заводот во соодветна форма и добива број за обработка.

Следува период на чекање, кој трае најмалку 1 година. Овој период е неопходен за да се види дали во меѓувреме е поднесена слична апликација / барање за пронајдок во рамки на друга патентна институција во друг дел на светот.

Третата фаза е разгледување на самата апликација / барање и дали ги има сите потребни елементи, како и во делот на нејзината новост и практична применливост. Во оваа фаза Заводот носи заклучок со кој го известува подносителот дека има услови за признавање на новост во рамки на техниката.

Последната фаза следува откако ќе се платат сите преостанати такси за издавање на решението и самата објава во соодветно јавно гласило и тогаш следува доставата на решението за признавање на патентот“, образложува адвокатот.

Кацарски ја посочува и потребата од овој пронајдок, која, како што нагласува, се состои во неколку сегменти. Тие се:

– Еколошката компонента се гледа во делот на физичката заштита и во некои делови хемиска заштита од самата рударска прашина која при нормално работење излегува од опфатот на рудникот. Тука станува збор за самиот процес на минирање, ископ, транспорт на рудата, како и нејзината финална изработка и складирање на отпадот. Со оглед дека станува збор за отворен рудник, можноста за влијание на климатските фактори врз него е огромна. Без оглед на годишните времиња кои се менуваат во текот на годината или изложеноста на атмосферските појави, прашината се разлетува на сите страни во голем радиус. Со овој пронајдок тоа ќе се спречи во целост, при што околните жители и нивните земјоделски поседи ќе останат чисти и неизложени на прашината.

– Економската компонента произлегува од претходната еколошка компонента и таа се надоврзува на неа. Тука, од една страна, рударската прашина ќе се користи како дополнителен ресурс и нејзиното целосно искористување нема да го загрози локалното население во своите секојдневни животни активности. Од друга страна, локалните жители ќе можат слободно да продолжат со своите животи и со својата земјоделска активност, без страв од нарушување на квалитетот на производите и врз здравјето на луѓето и останатиот жив свет.

– Безбедносната компонента се состои во можноста на воздухопловите безбедно да летаат и по потреба да слетаат во непосредна близина на самиот рудник, ако за тоа се укаже потреба. Таа потреба може да биде во областа на заштитата и спасување (гасење пожари, интервенција при елементарни непогоди и слично), во областа на безбедноста и здравјето при работа (евакуација на повредени работници) и други активности. Она што е важно да се спомене е тоа дека досега воздухопловите мораат да летаат на безбедно растојание од овој тип на рудници во просечен радиус од 5 километри. Тоа се прави со цел да не ги вовлече воздухопловите во турбуленција и да се спречи нивното уривање во просторот на ископ на самиот рудник. Овој пронајдок тоа го сведува на само неколку стотини метри.

„Со оглед дека овој пронајдок може да се примени во која било точка на планетата Земја, во рамки на современите истражувања, го прави универзален и сеопфатен“, резимира Кацарски.

М.В