/ Прочитано:

1.578

Неданочните и парафискалните трошоци – проблем за компаниите

„Неданочните и парафискалните трошоци претставуваат дополнителни трошоци за бизнисите кои честопати се скриени, не се транспарентни и не можат лесно да се планираат, што може да предизвика несигурност во деловното планирање, а со тоа да бидат и директна причина за намалена конкурентност, како и за нивна трансмисија кон цената на финалните производи и/или услуги, а со тоа и повисоки пазарни цени за тие добра/услуги“, беше истакнато на презентацијата на студијата на Центарот за економски анализи „Проценка на неданочни и парафискални трошоци и усогласување со регулативата“.

За дел од овие задолжителни неданочни и парафискални плаќања деловните субјектите не добиваат никакви дополнителни права, услуги или стоки за возврат од јавниот сектор, или пак имаат корист која е непропорционална со финансискиот товар од давачката. Според анализата, нивното евентуално намалување или укинување би резултирало со намалени трошоци за бизнисите и би ја подобрило бизнис-климата, преку зголемување на добивките или инвестициите, а со тоа потенцијално и на даночните приходи во буџетот на долг рок.

Анализата на релевантните закони и перцепциите на компаниите укажуваат на тоа дека дел од неданочните и парафискалните давачки се обемни, непредвидливи и не се јасно дефинирани. Освен нивна рационализација, потребно е да се направи и исцрпна листа на сите неданочни и парафискални давачки по примерот на другите земји – процес кој бара синхронизиран ангажман на повеќе надлежни институции.

Ваквиот пристап ќе има двоен ефект – подобрување на деловното опкружување и намалување на финансиски и други давачки, но и намалување на административниот товар врз администрацијата;

Неданочните приходи во Буџетот на РМ во последните десет години имаат тренд на намалување, и во својата апсолутна вредност и како процент на учество во вкупните буџетски приходи (во 2017 година изнесувале 5%) и како процент од БДП (од 4,43% во 2008 година на 2,16% во 2017 година).

Тоа во голема мера се должи на активностите од регулаторната гилотина која се спроведуваше во периодот од 2007 до 2013 година. И покрај генералниот тренд на намалување на неданочните давачки, се посочува во анализата, компаниите сè уште сметаат дека е потребна рационализација на некои од давачките. Меѓутоа, значајно е да се нагласи трендот на зголемување на средства прибрани од „други административни такси” кои континуирано и повеќекратно се зголемуваат во последните десет години, и тоа од 3% на 17% од неданочните приходи.

M.В