/ Прочитано:

1.537

НЕДЕЛКОВА: Довербата во судството е на стаклени нозе

Претседателката на Врховниот суд потенцира дека судството не смее да биде предмет на политички маркетинг, судиите треба слободно и независно да ја вршат својата функција и никој не смее да влијае врз судијата при донесување на одлуките, да му се заканува со разрешување, реизбор, да го повика на одговорност за донесена одлука.

nedelkova

Случувањата на општествената сцена во Македонија се индикатор дека треба да се активира темата за независност на судството. Случувањата се сериозни, жестоки, вознемирувачки, осетливи.

„Судството е неминовно инволвирано во овој мозаик, а нападите врз судството и обидите за влијание и закани се скоро секојдневна појава“, истакна во својот говор претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова, која ја презентираше Брионската изјава за начелата на независност во судството.

Според неа, презентацијата на Брионската изјава доаѓа во вистински момент кога нападите врз судството и обидите за влијание и закани стануваат се повеќе препознатливи, но некои остануваат и невидливи.

„Судиите често се изложени на неофицијални влијанија и притисоци низ разни форми и начини: од носителите на политички функции кои посредно или непосредно може да влијаат на нивниот статус и кариера, од економски моќници, од непосредно заинтересирани поединци, посредници врз роднинска или колегијално-професионална основа“, рече Неделкова.

Притисоците, вели таа, не можат да се избегнат во ниту едно општество, но затоа многу е битна издржливоста и отпорот за зачувување на самостојноста и независноста на судиите.

„Влијанијата врз судиите се можни, но ако судијата се придржува до законот и етиката тогаш никој не може да влијае врз неговата работа. Интегритетот на судијата е најважен и тој е дел од судскиот систем, треба сам да ја штити личната независност и непристрасност“, истакна Неделкова.

Претседателката на Врховниот суд потенцира дека судството не смее да биде предмет на политички маркетинг, судиите треба слободно и независно да ја вршат својата функција и никој не смее да влијае врз судијата при донесување на одлуките, да му се заканува со разрешување, реизбор, да го повика на одговорност за донесена одлука.

Неделкова потенцира дека довербата во судството е на стаклени нозе. Зголемената загриженост на јавноста за нарушување на независноста на судството, како поединечно така и на институционално ниво, треба да биде аларм за сите актери во судскиот систем.

Неделкова во својот говор се осврна на тоа дека сè уште не е решено прашањето за недостатоците во системот за кариера на судиите, забелешка и во извештајот на Европската комисија. Таа, исто така, потенцира дека и забелешките во извештајот на експертската група на Прибе треба да бидат дополнителен показател за активирање на сите механизми за отстранување на влијанијата од судството.

„Состојбата во судството секако не може да се подобри со зборови, со законски решенија кои се несоодветни и неприменливи, со непочитување на хиерархијата на одлуките на повисоките судови и одлуките на Врховниот суд, со донесување на избрзани одлуки“, рече Неделкова.

nedelkova 1

Претседателката во својот говор изрази поддршка како за судиите, така и за подобрување на условите за работа, вклучително и статусот, положбата и платата на судските службеници кои работата во судовите. Судската администрација веќе половина месец штрајкува барајќи зголемување на додатоците на плата.

Караџовски: Судиите да реагираат на вистински начин доколку се јават притисоци

Конструктивна и добронамерна критика секогаш е прифатлива за Судскиот совет и за мене како претседател, истакна Зоран Караџовски. Состојбата во судството не е идеална и затоа е потребна анализа за откривање конкретни проблеми, не општи, во функција на подобрување на состојбата во судството.

„Судскиот совет веќе работи на подобрување на угледот на судството, довербата на граѓаните во судството и на утврдување на конкретни параметри и показатели кои ќе покажат каде е најслаба точката од каде што ќе треба да се почне со подобрување на состојбите во судството“, рече Караџовски.

Според него, Брионската изјава ги содржи сите начела кои се познати и се применуваат, сите заложби во неа Судскиот совет ги поддржува, но сите чинители треба да го поддржуваат овие меѓународни документи не само декларативно, туку и преку нивното секојдневно работење.

„Притисоци во различни форми имало отсекогаш и тоа никој не може да го негира. Но треба да се анализира од каде и како доаѓаат и да се поттикнат судиите да реагираат на вистинскиот начин доколку се јават такви притисоци“, рече Караџовски.

Гарет: Независноста на судството е клучна за владеењето на правото

Довербата во судството не може да се промени преку ноќ, истакна британскиот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет. На него треба да работат повеќе генерации и сите чинители во општеството.

„Ова прашање се однесува и на судскиот систем, на луѓето кои работат во него како: судиите и администрацијата, политичарите, јавноста, универзитетот, сите треба постојано да работат за да го туркаат ова прашање“, рече Гарет.

Тој потенцира дека независноста на судството е клучна во развојот на Македонија како демократска земја која го почитува владеењето на правото.

„Има многу работа за да се постигне целосна независност на судството, но добра вест е дека ние како дипломати, овде, во Скопје сме подготвени да ја помогнеме промоцијата на овие начела“, рече Гарет.

Марија Севриева