НЕДЕЛКОВА: Го поздравувам изборот на судии, но Врховниот суд и за 2016 година ќе биде оценет како неажурен
Со четворицата нови судии, Врховниот суд ќе брои 22 судии, иако во согласност со одлука на Судскиот совет на Република Македонија предвидени се 25 судиски места. Неделкова денеска потенцираше дека, и покрај тоа што има организациски обврски како прв човек во Врховниот суд, сепак, и таа работи на предмети и одржува судења.
Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, е задоволна што Судскиот совет извршил избор на четворица судии кои ќе станат врховни судии. Сепак, Неделкова вели дека, и покрај пополнувањето на испразнетите судиски места, Врховниот суд и за 2016 година ќе биде оценет како неажурен. Ова беше истакнато на неформалната средбата на претседателката на Судот со новинарите, на која потенцираше дека треба да се зборува отворено за проблемите во судството, но и за начините на кои и таа како претставник на нависоката судска власт и останатите субјекти можат да придонесат за промена на перцепцијата на јавноста за довербата во судовите.
Претседателката Неделкова, иако по службена должност е член на Судскиот совет, не присуствуваше на седницата во понеделникот на која се избираа судиите за Врховниот суд.
За четирите слободни места во Врховниот суд биле пријавени 15 кандидати. Од нив избрани се Снежана Бајлозова, Надица Андреева, Рахилка Стојкова и Стојанче Рибарев. Како поекспонирани се судијката Бајлозова, која најпрво работеше во Основниот суд Скопје 1 каде што водеше неколку предмети кои беа познати во јавноста, како оној за Агим Красниќи, по што стана судијка на Апелациониот суд во Скопје, и Рибарев кој доаѓа од местото претседател на Апелациониот суд во Штип.
Во јуни годинава, Неделкова алармираше за состојбите во Врховниот суд пред своите колеги од Судскиот совет.
Со четворицата нови судии, Врховниот суд ќе брои 22 судии, иако во согласност со одлука на Судскиот совет на Република Македонија предвидени се 25 судиски места. Неделкова денеска потенцираше дека, и покрај тоа што има организациски обврски како прв човек во Врховниот суд, сепак, и таа работи на предмети и одржува судења.
„Во Врховниот суд на Република Македонија има еден совет од пет судии во Кривичниот оддел (во кој учествува и претседателот на Судот), два совети од по пет судии во Граѓанскиот оддел, совет од тројца судии во прв степен за судење во разумен рок и совет од пет судии во втор степен по жалби во Одделот за разумен рок и еден судија во Одделот за судска пракса, од што произлегува потребата од минимум 24 судии, плус претседателот на Судот, за нормално функционирање на Судот“, велат од Врховен.
Судиите на Врховниот суд на Република Македонија, покрај ангажираноста на предмети истовремено во повеќе оддели, учествуваат и во работни тела и комисии за повеќе законски проекти, семинари, едукации и студиски патувања. Во согласност со законски утврдената обврска, судиите на Врховниот суд на Република Македонија учествуваат во телата на Академијата за судии и јавни обвинители, како едукатори и како учесници во континуираната едукација. Во рамките на Врховниот суд на Република Македонија функционира и Работно тело за стандардизација на постапките во судовите, со кое претседава судија на Врховниот суд на Република Македонија, велат од Врховен.
М. С.
ИЗБОР НА СУДИИ: Дури 68 кандидати конкурирале за 5 места во Апелациониот суд во Скопје