/ Прочитано:

1.893

НЕДЕЛКОВА: Врховниот суд не може да си ја врши ефикасно работата – има итна потреба од нови судии

Поради недостигот од судии во сите оддели, советите за одлучување се формираат од судии кои се и од Кривичниот и од Граѓанскиот оддел, што создава друг проблем, а тоа е зголемување на барањата за изземање на судиите.

Лидија Неделкова, Претседател на Врховен суд

Врховниот суд има итна потреба од најмалку четири судии за да може да функционира ефикасно. Ова денеска пред членовите на Судскиот совет го истакна претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, која е член на Советот по функција.

Недостигот од судии се забележува не само во секојдневната работа туку е нотиран и во Извештајот за работата на Судскиот совет за 2015 година, според кој, Врховниот суд минатата година работел неефикасно и неажурно.

„Судот не може да ја врши својата работа, а особено е алармантно во Одделението за судење во разумен рок, каде што работиме со два совета, а сме обврзани со рокови од шест месеци“, рече Неделкова пред Судскиот совет.

Поради недостигот од судии во сите оддели, советите за одлучување се формираат од судии кои се и од Кривичниот и од Граѓанскиот оддел, што создава друг проблем, а тоа е зголемување на барањата за изземање на судиите.

„Јас, како претседател на Судот, морам постојано да пишувам изземања на судии бидејќи во советите членуваат судии што не се одделот на предметите по кои постапуваат“, рече Неделкова.

Избор на нов судија во Врховниот суд не е направен повеќе од три години, а во меѓувреме на голем број судии им престанал мандатот.

Неделкова апелираше под итно да се изврши избор на судии во Врховниот суд на Република Македонија и доколку е возможно, и покрај летните одмори, огласот за избор на судии да биде распишан што побрзо.

Според Извештајот на Судскиот совет, Врховниот суд на Република Македонија во 2015 година не остварил ефикасност и ажурност во решавањето на предметите, така што не го совладал приливот на новопримените предмети и го зголемил заостатокот за 86 предмети.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, истакна дека сите членови на Советот ги имаат предвид овие околности и веднаш кога ќе се создадат условите, бидејќи дел од членовите на Советот веќе користат годишен одмор, барањето ќе биде ставено на разгледување и одлучување.

Покрај Врховниот суд, како неажурен е оценет и Апелациониот суд Скопје, за кој Неделкова исто така напомена дека има потреба од нови судии.

Доколку не бидат избрани нови судии, Врховниот суд ќе биде неажурен и во 2016 и во 2017 година

Врховниот суд на Република Македонија моментално функционира со 18 судии, вклучувајќи го и претседателот на Судот, иако во согласност со одлука на Судскиот совет на Република Македонија предвидени се 25 судиски места, од кои 2 судиски места се во мирување, за член на Судскиот совет на РМ во период од 6 години и за судија на Уставниот суд во период од 9 години, појаснуваат од Врховниот суд.

„Во Врховниот суд на Република Македонија има еден совет од петмина судии во Кривичниот оддел (во кој учествува и претседателот на Судот), два совети од по пет судии во Граѓанскиот оддел, совет од тројца судии во прв степен за судење во разумен рок и совет од пет судии во втор степен по жалби во Одделот за разумен рок и еден судија во Одделот за судска пракса, од што произлегува потреба од минимум 24 судии, плус претседателот на Судот, за нормално функционирање на судот“, велат од Врховен.

Судиите на Врховниот суд на Република Македонија покрај предметна ангажираност истовремено во повеќе оддели, учествуваат и во работни тела и комисии за повеќе законски проекти, семинари, едукации и студиски патувања. Во согласност со законски утврдената обврска, судиите на Врховниот суд на Република Македонија учествуваат во телата на Академијата за судии и јавни обвинители, како едукатори и како учесници во континуираната едукација. Во рамките на Врховниот суд на Република Македонија функционира и Работно тело за стандардизација на постапките во судовите, со кое претседава судија на Врховниот суд на Република Македонија.

„И покрај напорите вложени за обезбедување ефикасно постапување, сепак, Врховниот суд на Република Македонија не го совлада приливот за 61 предмет. За да се обезбедат услови за непречено и ефикасно работење на Врховниот суд на Република Македонија, неопходно е итно да се пополнат испразнетите судиски места. Врховниот суд на Република Македонија континуирано 2 години е без доволен број судии, што во контекст на целата состојба и видот на работата на предметите доведе до тоа Судот да биде неажурен, а поради тенденцијата и понатаму да не се изберат судии, Врховниот суд на Република Македонија ќе биде неажурен и во 2016 година и извесно е дека ќе биде неажурен и во 2017 година“, велат од највисокиот суд во земјава.

М. С.