/ Прочитано:

933

Недостигот на образовен процес во воспитно-поправните установи ќе остави трајни и штетни последици врз штитениците

Заедничкото соопштение на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници, во врска со прекинатиот образовен процес во воспитно-поправните установи, како и за несоодветните услови за девојчињата кои издржуваат воспитно поправна мерка во КПД Идризово

 

Децата кои издржуваат воспитно поправна мерка во ВПД Тетово, како и во женското одделение при КПД Идризово не посетуваат настава уште од септември 2021 година. Ова е последица на  долгогодишниот системски проблем, кој Министерството за образование и наука сѐ уште го нема решено. Иако согласно Законот за извршување на санкциите, Министерството за образование и наука има законска обврска да го организира, планира и финансира образованието во казнено- поправните установи и воспитно-поправната установа, овој процес до септември минатата година беше спроведуван со финансиска поддршка на УНДП. По завршување на проектот, децата во овие установи останаа без образование.

Образованието е од круцијално значење за ресоцијализација на децата и нивно враќање во општеството, особено доколку се земе предвид фактот дека голем дел од штитениците, кои издржуваат воспитно поправна мерка, се неписмени и немаат завршено ниту основно образование. Децата во овие установи имаат право на еднаков третман во пристапот до образование како и децата надвор. Тие имаат потполно право да се образуваат, да стекнуваат основни навики, да развијат чувство на одговорност итн. Образованието во воспитно поправните установи не е додадена вредност во системот на малолетничка правда, туку незаменлива компонента. Најважната и најосновната улога на образованието е децата да излезат од установата пообразовани, поинформирани и поспособни. Недостигот на образование остава штетни последици врз нив и директно придонесува кон неисполнување на целите поради кои децата се упатени на издржување воспитно поправна мерка. Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници апелираат државата итно и неодложно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно поправните установи да продолжи да се спроведува во најкус можен рок. МОН има потполна одговорност и обврска да преземе итни мерки за планирање, организирање и финансирање на образовниот процес во овие установи.

 

Нееднаков третман на девојчињата во КПД Идризово

Девојчињата кои издржуваат воспитно поправна мерка се сместени во КПД Идризово. Тие се оддалечени само неколку метри од возрасните осуденички, поради што често доаѓаат во контакт со нив. При последната посета на Хелсиншкиот комитет за човекови права во ВПД за женски лица при КПД Идризово во март оваа година, беше забележано дека условите, во кои девојчињата ја издржуваат воспитно поправната мерка, ни приближно не ги задоволуваат стандардите. Тие немаат никакви услови за спортски и вокациски активности, немаат доволно групни и индивидуални активности, образовен процес, ниту пак соодветни материјални услови, а особено поради тоа што се во непосредна близина на возрасните осуденички. Девојчињата своето слободно време го поминуваат само два часа во дворот на установата. Дополнително, со осуденичките работи само една социјална работничка, која има обврска да работи и со возрасните осуденички.

За нееднаквиот третман на девојчињата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 17 март 2022 година донесе одлука да покрене постапка по службена должност заради постоечки индиции за дискриминација врз основа на пол, род и дискриминација во пристап до образование врз основа на личен статус.

Државата треба да изнајде решение за нивно сместување во објект кој ќе ги исполнува условите, како што е ВПД – Тетово. Овој дом има капацитет за 110 лица, а во моментот таму воспитно поправна мерка издржуваат 18 лица. Членот 40 од Законот за извршување на санкции  предвидува дека „децата според полот се сместуваат во посебни домови, а можат да бидат сместени во еден дом, но одвоено.” Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници апелираат државата во најкус рок да изнајде решение со кое девојчињата ќе бидат преместени во ВПД – Тетово, одвоено од машките лица. Само на овој начин девојчињата ќе имаат соодветни и хумани услови за издржување на воспитно поправната мерка, но и исполнување на целта поради која се упатени да ја издржуваат оваа мерка, а тоа е нивно соодветно превоспитување и враќање во општеството.