/ Прочитано:

721

Недвосмислените и применливи закони – еден од клучните услови за подобра бизнис-клима

Управниот одбор на Советот на странски инвеститори оствари работна средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

На средбата претседателот на Советот му ги испорача на првиот човек на државата клучните пораки содржани во последното издание на Белата книга на Советот на странски инвеститори, кои се фокусирани кон подобрување на деловната клима и создавање подобри услови за водење бизнис во земјава, а тоа се следните:

– воспоставување стабилно, предвидливо и конкурентно опкружување како елементи од суштинско значење за секој странски инвеститор;

– создавање деловно опкружување во кое ќе се воспостави поголем степен на доверба во институциите на системот и кое во исто време ќе придонесе за натамошно зајакнување на приватниот сектор;

– навремено спроведување на сеопфатната агенда за структурни и институционални реформи на пазарот на трудот и образовниот систем;

– зајакнување на инструментите за борба против неформалната економија со цел да се обезбеди фер конкуренција на пазарот на кое било ниво;

– создавање недвосмислени и применливи закони и други прописи, со можност за учество на бизнис-секторот во нивната подготовка, дерегулација во областите каде што е можно тоа, како и носење на закони во скратена постапка само по исклучок, а не како правило;

– важно е да се продолжи со реформите во јавната администрација, со насочување кон подобрување на ефикасноста и координираноста во дејствувањето, како битна претпоставка за функционален јавен сервис во интерес на бизнисот;

– стабилноста и трајноста на правната рамка – правилата на игра на пазарот мора да бидат познати и предвидливи за сите учесници на пазарот.

Членовите на Управниот одбор на Советот посочија и повеќе суштински пораки до претседателот. Беше акцентирана важноста на тоа земјата што поскоро да стане дел од евроатлантските интеграции, коишто преку демократијата, преку владеењето на правото и преку почитувањето на човековите права и слободи се посебен гарант на стабилноста и обезбедувањето на просперитетот и кои обезбедуваат добра инвестициска клима и развој на економијата. Неефикасната и бавна администрација претставува голем товар за економијата во целост, додека образовниот систем во Македонија треба да претрпи суштински промени за да може да обезбеди висококвалитетен и стручен кадар, кој ќе има соодветни знаења и вештини потребни на пазарот на трудот, како за странските така и за домашните компании. Членовите на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори укажаа на потребата од усогласување на домашното законодавство со правото на Европската Унија, особено во областа на даночното и финансиското известување, потребата од поголема координација на административните служби заради обезбедување ефикасни и брзи услуги за потребите на бизнис-секторот, доследна имплементација на прописите во практиката, од страна на надлежните институции, на еднаков начин, за сите засегнати страни, како и подготвеност за заеднички реален придонес на бизнисот за имплементација на владеењето на правото, како темелна вредност на општествениот поредок и битна претпоставка за натамошниот процес на преговорите за членство во големото европско семејство.

„Нема сфера во општеството што не е поврзана со економијата. Во преговарачките тимови ќе мора да има луѓе од еснафот. Наскоро стануваме и членка на НАТО, а тоа значи дека перцепцијата за земјава нагло ќе се смени, ќе се зголеми довербата кај инвеститорите затоа што ќе нè гледаат како предвидлива дестинација за вложување“, истакна Пендаровски на средбата.

Тркалезна маса за владеењето на правото и условите за водење бизнис

Неразбирливите закони кои се носат преку ноќ им создаваат проблеми на компаниите

Неразбирливите закони кои често и брзо се менуваат се голем проблем за фирмите

Компаниите бараат да бидат вклучени во процесот на измените на Законот за финансиска дисциплина

Измените на Законот за финансиска дисциплина со европско знаменце пред пратениците

Ќе се менува и Законот за финансиска дисциплина

Честата промена на законите и невклученоста на деловната заедница во јавните расправи се проблем за странските инвеститори

М.В