/ Прочитано:

1.544

Неизбалансирано новинарство во Германија: Многу повеќе стории за кривични дела сторени од страна на бегалци, отколку за криминални дејствија направени од страна на Германци

Германските медиуми во последниот период многу повеќе пишуваат за криминални дејствија зад кои стојат бегалци и мигранти во земјата, а многу помалку во јавноста пренесуваат информации за кривични дела кои се сторени од страна на Германци, односно германските медиуми многу малку информираат за насилствата направени врз барателите на азил. Истражувачи од Факултетот за медиуми „Макромедија“ во својата научна студија посочуваат дека во однос на ова исклучително важно прашање (информирање на јавноста) не постои избалансираност во извештаите на медиумските работници. Ваквиот начин на работа, како што покажува анализата на истражувачите, доведува до тоа, јавноста да формира сосема погрешна перцепција за одредени општествени прашања.

За разлика од 2015 и првата половина на 2016 година, кога германските новинари во известувањата главно го занемаруваа или го потценуваа значењето на кривичните дела направени од страна на бегалците, медиумските работници во Германија во текот на втората половина на 2016 и првите шест месеци од оваа година одат во друга крајност, пишува српскиот весник „Политика“. Тие сега известуваат многу повеќе за криминални дејствија зад кои стојат бегалци и мигранти во земјата, а многу помалку во јавноста пренесуваат информации за кривични дела кои се сторени од страна на Германци, односно германските медиуми многу малку информираат за насилствата направени врз барателите на азил.

Според анализите, како што известува српска „Политика“ во изминатите три години за околу една третина е зголемен бројот на напади врз странци кои живеат во Германија, а истовремено за една третина е зголемен и бројот на кривични дела за кои се осомничени мигранти, односно бегалци.

Но тим од истражувачи од Факултетот за медиуми „Макромедија“ во својата научна студија посочува дека овие факти не се така претставени во извештаите на водечките дневни весници и телевизиски куќи во Германија. Оценуваат дека во однос на ова исклучително важно прашање (информирање на јавноста) не постои избалансираност во извештаите на медиумските работници. Ваквиот начин на работа, како што покажува анализата на истражувачите, доведува до тоа, јавноста да формира сосема погрешна перцепција за одредени општествени прашања.

„Во последниот период медиумите во Германија во прв план известуваат за престапниците што потекнуваат од странство“, вели професор д-р Томас Хештерман, тим-лидер на студијата, во која се нагласува дека станува збор за сосема поинаков начин на известување. Ова тврдење е поткрепено со примери за начинот на информирање за случувањата на новогодишната ноќ во 2016 година кога, како што се нагласува во студијата, новинарите неколку дена го игнорираа фактот дека на плоштадот во Келн огромен број баратели на азил направија вистински грабеж и сексуално вознемируваа стотина жени и девојки.

Како што стои во текстот на „Политика“, истражувачкиот тим, предводен од професор д-р Хештерман утврдил дека телевизиските куќи оваа година во однос на 2014-та емитувале четири пати повеќе извештаи за осомничени криминалци од имиграциско потекло, иако во овој период бројот на осомничени криминалци од германско потекло е значително зголемен. Освен тоа, како што наведуваат истражувачите во својата студија, објавено е двојно помалку извештаи за насилство над миграните и бегалците, без разлика на фактот де е евидентен порастот на тие напади зад кои стојат десничарски групи во Германија.

Нај­ти­ра­жниот германски весник „Билд“  во дури 64 отсто од своите извештаи кои се однесуваат на стории за странците во земјата, всушност, пишува за криминални дејствија, односно кривични дела сторени од страна на луѓе со имигрантско потекло.

Хештерман истакнува дека нивните анализи покажуваат дека бегалците во последната година релативно ретко се интервјуирани, за разлика од претходните три години кога, како што вели, медиумите практично ја игнорирале загриженоста на дел од населението „однесувајќи се како извесни учители за културно добредојде за бегалците“.

„Ваквиот начин на известување придонесе поедини Германци да преминат во уште поекстремна опозиција, така што сега меѓу читателите и гледачите, кои се   наклонети кон крајната десница, постои ‘глад’ за вести, информации и стории во кои бегалците се прикажани како ‘негативци’, додека лажните вести, пак, кои поддржуваат расистички ставови, најбрзо се шират на социјалните мрежи“, се истакнува во истражувачката студија.

За да откријат како функционираат лажните вести, истражувачи од Универзитетот Хоенхајм во Штутгарт, предводени од страна на професор д-р Волфганг Швајгер, направиле едномесечен експеримент. Имено, на интернет направиле блог за објавување вести, потоа креирале веб-страница, како и четири лажни профили на Фејсбук. Првите две недели објавувале вистински вести, но фокусот го ставиле на негативните страни на мигрантската политика во Германија и пишувале за кривични дела направени од страна на барателите на азил. Експерименталниот блог го нарекле „Фолк­сбе­о­бах­тер“ (На­род­ен набљудувач) кој заедно со логото (орел со раширени крилја) силно потсетувал на нацистичкиот весник „Фел­ки­шер бе­о­бах­тер“. На овој начин ги привлекле поддржувачите на екстремната десница. Во првите две недели читаноста и посетеноста била пристојна, сè до моментот кога истражувачите објавиле вест (лажна) дека во местото Бад Ој­лен (кое не постои) бегалците користеле услуги на проститутки за што е плаќано од покраинскиот буџет. Оваа вест доживеала вистински бум, со илјадници коментари.

Професорот Швајгер појаснува дека огромен број десничарски филтрирани вести потекнува од многу мал број луѓе кои, како што вели, се многу активни. Во оваа насока, како што вели професорот, потребно е државните институции да преземат конкретни мерки за запирање на бранот лажни вести кои се извор на омраза, насилства и невидена агресија.

А. Б.