Некои специфичности на стечајната постапка за Еуростандард банка
Стечајната постапка што се спроведува како дел од судските постапки, по дефиниција, се разликува од другите судски постапки, бидејќи во основа таа треба да биде брза, ефикасна и во најкраток можен рок да ја исполни својата цел – доверителите да бидат подмирени, во целост или делумно, во зависност од средствата со кои располага стечајниот должник. Се разбира, доколку претходно се исцрпени сите можности за реорганизација на стечајниот должник во обид да продолжи со својата деловна активност.
Во таа смисла, во јавноста во последнава речиси година и половина, многу актуелна е стечајната постапка што се води врз Еуростандард банка, секако, затоа што стечајот на банка секогаш предизвикува турбуленции и раздвижувања меѓу општествените чинители кои се задолжени за стабилноста на банкарскиот сектор, но и за финансискиот систем во целина. Притоа, фактот дека реорганизација и продолжување на деловната активност според Законот за банките не се дозволени подразбира дека отворање стечај за банката значи дека таа дефинитивно престанува со својот деловен потфат. Затоа особено голем интерес стечајот на банка предизвикува кај доверителите на банката, депонентите физички и правни лица, но и кај сопствениците (акционерите) и секако, кај пошироката општествена јавност токму поради последиците што може да ги предизвика.
Со оглед на строгата регулатива во банкарскиот сектор, стечајот на банка не е секојдневна работа, поради што стечајната постапка за банка сама по себе е специфична во однос на другите стечајни постапки кои се водат согласно со Законот за стечај. Првата специфичност е што во стечајната постапка за банка се предвидени одредби во Законот за банките (глава XVI од член 157 до член 167) кои во однос на Законот за стечај се применуваат како lex specialis. Така, на стечајна постапка за банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај, доколку поинаку не е определено со Законот за банките. Сето ова важи и за стечајната постапка на Еуростандард банка, каде што во примена при водењето на постапката е Законот за банките како lex specialis и Законот за стечај како општ закон. Дејствијата што во досегашниот тек на постапката се преземени од страна на органите што ја водат стечајната постапка (стечаен управник, собрание на доверители, одбор на доверители и стечаен судија) се токму во рамките на овие два закона, од отворањето на стечајната постапка до фазата во која таа денес се наоѓа.
Но, основната специфичност на стечајната постапка за Еуростандард банка, која ја прави поинаква од другите и која во досегашната судска практика е единствен ваков случај, е одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки. Оваа одредба беше дел од глава XVI која се однесува токму на стечајната постапка за банка и со која беа утврдени статусот и редоследот за наплата на побарувањето на Фондот за осигурување на депозити од стечајната маса на банката на износите кои тој ги исплатил на депонентите физички лица со осигурени депозити до висина од 30.000,00 евра. Оваа одредба беше укината од Уставниот суд неполна една година по отворањето на стечајната постапка врз Еуростандард банка, во услови кога сè уште не беше реализирано правото на доверителите за исплата на средства од стечајната маса. Со оглед дека во досегашната судска практика немало ваков случај (Уставниот суд да укине одредба која директно ја засега стечајната постапка за банка), во јавноста можеа да се слушнат различни мислења како понатаму треба да се постапува и како да се води стечајната постапка. Некои сметаа дека одлуката на Уставниот суд, со оглед дека е укинувачка а не поништувачка, не го засега стечајот на Еуростандард банка туку дека ќе важи за идни случаи на стечај на банка. Но, набргу се согледа дека ваквото стојалиште беше очигледно неосновано, бидејќи согласно со член 80 од Деловникот на Уставниот суд, откако одлуката со укинувачки карактер ќе влезе во сила, таа ги обврзува сите и мора да се применува. Тоа значи дека мораа да бидат запрени од извршување сите дејствија и акти кои се засновале врз укинатиот пропис доколку до донесувањето не биле извршени, а доколку нивното извршување било започнато, истото тоа треба да биде запрено. Со оглед на ваквата состојба, органите на стечајот за Еуростандард банка се соочија со повеќе прашања низ чие решавање требаше да се операционализира новата правна ситуација.
Првото прашање со кое се соочи стечајната постапка за Еуростандард банка беше прашањето за статусот на Фондот за осигурување на депозити. Поточно, освен во укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки, статусот и редоследот за исплата на Фондот за осигурување на депозити не се регулирани со ниту еден друг законски пропис. Токму затоа, групата доверители го оспори статусот на доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка на Фондот за осигурување на депозити барајќи тој да биде разрешен од претседател и член на одборот на доверители. Во услови кога во Законот за банките се јави очигледна правна празнина, додека само преку примена на Законот за стечај не можеше да се утврди статус на доверител, одлучувајќи по барањето на група доверители, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје одлучија во стечајната постапка за Еуростандард банка да применат трет закон – Законот за облигациони односи, наоѓајќи дека преку институтот суброгација, во решенијата на судовите дефинирана како посебна (sui generis) законска суброгација, врз Фондот за осигурување преминале осигурените побарувања на депонентите – физички лица до 30.000,00 евра исплатени од Фондот, поради што тој останува доверител во стечајната постапка. Ова решение е правосилно и согласно со таквата одлука понатаму постапуваат стечајниот управник, собранието и одборот на доверители, како и стечајниот судија. Но, решавањето на прашањето за статусот на Фондот за осигурување на депозити преку примена на Законот за облигациони односи носи нови специфичности во стечајната постапка на Еуростандард банка, овој пат во однос на утврдувањето на редоследот според кој Фондот за осигурување на депозити ќе го намири своето побарување наспроти другите доверители спрема кои претходно имаше апсолутен приоритет преку укинатиот член 163 став 3 од Законот за банките.
Имено, при определувањето на исплатниот ред на Фондот за осигурување на депозити, мора да бидат земени предвид облигаторните одредби од Законот за облигациони односи во поглед на исплатата наспроти институтот суброгација, според кој Фондот остана доверител во постапката. За да може правилно да се примени Законот за облигациони односи во поглед на суброгацијата и определување на исплатниот ред на Фондот, мора да се појде од карактерот на Фондот за осигурување на депозити како институција. Имено, Фондот е основан со Закон за Фондот за осигурување на депозити и во истиот закон е определена неговата дејност како осигурителна, поточно Фондот претставува специјализирана финансиска институција во која банките, штедилниците и филијалите на странските банки се должни да ги осигураат денарските и девизните депозити. Во таа смисла, осигурителната дејност на Фондот е регулирана со член 3-а, 4 и 9 од Законот за Фондот за осигурување на депозити. Согласно со ваквата законска поставеност, во Централниот регистар Фондот за осигурување на депозити е запишан со шифра на дејност 65.12 – Неживотно осигурување согласно со Законот за трговски друштва, идентично како и другите осигурителни друштва што на пазарот вршат осигурителна дејност. Имајќи го предвид наведеното, неоспорно е дека се работи за вршење на осигурителна дејност (65.12-Неживотно осигурување) од страна на Фондот за осигурување на депозити, согласно со Законот за трговски друштва. Во таква ситуација, Законот за облигациони односи (ЗОО) прашањето на суброгација во делот на осигурувањето го регулира во глава XXX (триесет). Оваа глава треба да најде примена во однос на редоследот за исплата во стечајната постапка кога е во прашање Фондот за осигурување на депозити, со оглед на неговата законска поставеност како осигурителна институција каде што банките, штедилниците и филијалите на странските банки ги осигуруваат депозитите на депонентите физички лица преку плаќање премија.
Оттука, при рангирањето на Фондот за осигурување на депозити во стечајната постапка на Еуростандард банка треба да се води сметка за член 995 став 3 од Законот за облигациони односи затоа што неговата позиција е идентична (се поистоветува) со осигурителните друштва, во формално-правна, но и во фактичка смисла. Имено, позицијата на Фондот за осигурување на депозити е идентична со друштвата за осигурување, бидејќи исто како и кај друштвата за осигурување, и во случајот на Фондот, но во неговиот случај не според осигурителна полиса туку по сила на закон, банките, штедилниците и филијалите на странските банки се обврзани да плаќаат премија за осигурување на депозитите за депонентите физички лица во висина во максимален износ определен со закон (член 4 и член 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити). Од средствата собрани по основ на оваа премија, Фондот врши обесштетување на депонентите физички лица до 30.000,00 евра во случај на ризичен настан (стечај или ликвидација на банка). Затоа неговата позиција на пазарот е идентична како осигурително друштво, не само според дејноста запишана во тековната состојба, туку и според општествената улога што ја зазема и функцијата што ја врши. Имено, неоспорно е дека во фактичка и формално-правна смисла, функцијата на Фондот за осигурување на депозити е да врши осигурување на депозитите на физичките лица до 30.000,00 евра. Затоа, доколку преминувањето на побарувањето по тој основ од физичките лица депоненти до 30.000,00 евра на Фондот за осигурување на депозити се смета дека е врз основа на посебна законска (sui generis) суброгација, тогаш мора да се води сметка и за дејноста осигурување што ја врши Фондот и во таа смисла, да најде примена глава XXX (триесет) од Законот за облигациони односи и особено да се води сметка за член 995 став 3 како одредба која го определува исплатниот ред во случај на ризичен настан. Со оглед на фазата во која се наоѓа стечајната постапка за Еуростандард банка, оваа специфичност, преку примена на Законот за облигациони односи во врска со Законот за стечај, мора да се земе предвид доколку стремежот е праведно и законито решение во интерес на почитување на правната држава и заштита на правата на доверителите во стечајната постапка. Селективна примена на законот, каде што во еден случај би бил земен предвид Законот за облигациони односи (при утврдување на статусот на Фондот за осигурување на депозити), додека во друг случај не би бил земен предвид Законот за облигациони односи (при утврдување на редоследот за исплата на Фондот за осигурување на депозити), ќе доведе до неправедно решение со дискриминација на доверителите преку пристрасна примена на правото (Законот за облигациони односи) според потребите само на еден доверител (Фондот за осигурување на депозити) наспроти другите доверители. Тоа, секако, не е добро не само за доверителите и стечајната постапка на Еуростандард банка, туку и за правната држава во целина како една од приоритетните цели кон кои се стреми државата во обидите да се надминат пречките за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Или, со други зборови, правото под еднакви услови мора да важи за сите.
Адвокат
Љупчо Кузмановски
„Правда за штедачи“: Судскиот совет треба будно да го следи предметот
Соопштение на Апелациониот суд во врска со предметот за „Еуростандард банка“
„Правда за штедачи“ со повик до Судскиот совет
Фондот за осигурување на депозити за обесштетувањето во врска со „Еуростандард банка“
„Правда за штедачи“: Игнорирање на Одлуката на Уставен суд значи силување на правдата
Прес-конференција на „Правда за штедачи“ пред Апелациониот суд
Здружението „Правда за штедачи” оствари средба со Делeгацијата на Европската унија
„Правда за штедачи“: Владата да го усвои нашиот предлог за измени на Законот за банки
Правда за штедачи: Со одлуката на Уставниот суд обичниот граѓанин добива најмногу
Измени на Законот за банките за правниот вакуум по одлуката на Уставниот суд
Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банките
Здружение „Правда за штедачи“: Се надеваме дека Уставниот суд ќе одржи седница во рокот за предметот
Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за член 163 став 3 од Законот за банките
Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките
Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити
Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд
Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд
Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка
ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“
Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра
Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка
ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки
Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“
Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“
ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени
Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај
Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка
Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања
М.В