/ Прочитано:

2.159

„Нема гаранција дека ОТА ќе биде нова служба со интегритет“ – стручната јавност бара повлекување на законските решенија

Моделот за воспоставување на Оперативно-техничка агенција за следење на комуникациите како предложено законско решение е избрзан и не нуди соодветни гаранции во однос на надзорот и не овозможува заштита од политичка злоупотреба, беше истакнато на денешната дебата „Како до поголема заштита од неовластено прислушување?“, во организација на Европското движење во Република Македонија.

Со предложениот Закон за Оперативно-техничка агенција, кој е дел од реформата за следењето на комуникациите и за кој се говореше на денешната дебата, се уредуваат основањето на Оперативно-техничка агенција, надлежностите, раководењето, правата и обврските од работен однос на работниците во Оперативно-техничката агенција и нејзиното финансирање.

Во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите, кој исто така е дел од реформските закони,  се уредуваат и обврските за Оперативно-техничката агенција и операторите. Во делот за правата и обврските на Оперативно- техничката агенција  и на операторите, во Законот се пропишува дека ОТА и операторите се должни активностите поврзани со следење на комуникациите да ги забележуваат во системот на електронскиот регистар.

Во врска со предложените решенија за формирање на Оперативно-техничка агенција, претставниците на невладиниот сектор и на стручната јавност на денешната дебата побараа запирање на законските измени на следењето на комуникациите и враќање на целиот процес одново со цел реформите да бидат систематизирани, а за системот да има поголема дебата. Реформата, нагласи Александар Нацев од Центарот за безбедносни истражувања, мора да биде направена аргументирано, смирено и систематизирано. За моделот на реформа, додаде Нацев, не се дебатираше доволно и во голем дел препораките на Прибе не се испочитувани.

„Влада која најавува нов почеток и реформи почнува со лош старт. Добро е за дел од овие работи да се подигне рачна, ако е воопшто можно. Веруваме дека Владата има проблем со временскиот теснец. За конкретново прашање имаше три месеци кога ништо не се правеше и
одеднаш, за еден викенд, се подготвија пет закони, за кои не сум горд. Не се прават реформи така и тоа не е демократски и академски. Сè уште немаме изградено интегритет во Министерството, а уште помалку во службата, која сè уште е практично нереформирана тајна полиција. Три стожери се важни за реформата: едниот е службата да има интегритет, висок степен на професионалност и внатрешни процедури, потоа се процедурите за прислушување и другите форми на следење, трети се контролните механизми. Ние немаме реформирана служба и немаме гаранција да веруваме дека ОТА ќе биде нова служба со интегритет. Од километар се гледа дека ОТА е бебе на УБК. Нема гаранција дека тоа тело ќе се издвои од УБК“, истакна професорот Гордан Калајџиев.

„Не станува збор за избрзани и преку ноќ донесени решенија, туку дека нивната работа започнува уште од 2016 година. Препораките содржани во двата извештаи на Прибе се инкорпорирани во законските текстови. Вториот извештај на Прибе дава осврт на сите понудени модели и во однос на ОТА се наведува дека може да биде разумна опција доколку претставува единствено
технички центар и доколку се обезбеди ефикасна контрола“, истакна Светлана Влаховиќ-Димановска, началник на Секторот за евроинтеграции при МВР , според која со предложените законски одредби ОТА ќе биде самостоен и независен државен орган што треба да обезбеди техничка поврзаност меѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.

Димановска рече дека ОТА ќе може да обезбеди техничката поврзаност исклучиво и само врз основа на судска наредба. ОТА ќе ги активира и ќе ги создава техничките услови за следење на комуникациите како за кривичните истраги така и во постапките за заштита на безбедноста и одбраната. Со ОТА, истакна Димановска, ќе раководи директор избран од Собранието за период од пет години без можност за реизбор, а на предлог на Комисијата за именување и разрешување.

Ова е втора трибина на која претставниците на граѓанскиот сектор и на академската јавност ги критикуваат решенијата за ОТА. Предложените законски текстови, беше нагласено на трибината „Реформа на следењето на комуникациите – суштински или козметички промени?“, не се во согласност со препораките од ЕУ, особено во контекст на директниот пристап на државните органи во целокупниот телекомуникациски сообраќај.

„Со предложената реформа се креира нов центар на моќ кој сега наместо УБК ќе се вика ОТА, која повторно ќе ги добива сите разговори и пораки што ги праќаат граѓаните преку електронските комуникациски мрежи и ќе ги пренасочува до другите државни органи. Сметаме дека ова не е во духот на препораките на Прибе ниту на она што е наведено во реформските приоритети, каде што се наведува дека Владата треба да има пристап само врз основа на судска наредба“, истакна Александар Николов од Асоцијацијата „Зенит“.

Реформите за следење на комуникациите да не бидат козметички, предупредуваат граѓанските организации

Пакетот закони за реформи на системот за следење на комуникациите влегуваат во собраниска процедура

Какви обврски се пропишани за операторите во новиот Предлог-закон за следење на комуникациите

Законското образложение на Предлог- законот за следење на комуникациите

Се брише членот 175 од Законот за електронските комуникации во кој се пропишуваат должностите на операторите при следење на комуникациите

Во подготовка нов Закон за следење на комуникациите и нов Закон за оперативно-техничка агенција усогласени со препораките на Прибе

М.В