Нема трага и глас од поранешниот разузнавач Сноуден — Обама ќе ги искористи сите можности за негово апсење

Вторник, 25 јуни 2013 – Поранешниот службеник на НСА Едвард Сноуден го напуштил Хонг Конг откако ги добил документите со кои стекнал статус на политички бегалец во Еквадор. Ова го тврди сопственикот на Викиликс Џулијан Асанж, информирајќи дека Сноуден е во придружба на соработничката на Викиликс Сара Харисон, која со него патувала од Хонг Конг до Москва. Во меѓувреме, Сноуден не слетал од Москва во Куба, па оттаму во Еквадор како што беа очекувањата. Истовремено, американскиот претседател Барак Обама изјави дека ќе ги искористи сите можни средства за апсење на поранешниот соработник на разузнавачките служби.

Над 30 новинари од повеќе светски медиумски куќи вчера купиле билет за лет од Москва до Хавана, за да го следат патувањето на најпознатиот „крт“ во светот. Поранешниот разузнавач Едвард Сноуден кој го напушти Хонгконг и се најде во Москва, требаше вчера да продолжи за Куба и оттаму за Еквадор. Претходната вечер тој побара од латиноамериканската земја барање за политички азил.

Медиумите вчера јавија дека Сноуден не се качил во авионот од Москва до Хавана, како што претходно беше најавувано.

„И двајцата (Едвард Сноуден и Сара Харисон) се на безбедно и се во контакт со нашиот правнички тим. Не можам да ви дадам повеќе информации за тоа во која земја се наоѓа поради заканите што пристигнуваат од Америка“, кажал Асанж во изјава за лондонскиот весник.

Тој истакнал дека Сноуден не е предавник ниту шпион, туку човек што сакал јавноста да ја информира за вистината. Според него, администрацијата на претседателот на САД Барак Обама не добила мандат „да го шпионира целиот свет, да го крши уставот на САД и законите на други држави“.

„Сноуден од Владата на Еквадор доби документи кои му овозможуваат во таа земја да влезе како бегалец“, изјавил Асанж во телефонскиот разговор со новинарите.

Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама изјави дека ќе ги искористи сите можни средства за да го уапси. Американските власти го гонат ексразузнавачот за кражба на владин имот, неовластено соопштување на информации на националната одбрана и намерна комуникација на доверливи разузнавачки податоци со неавторизирано лице.

Руските миграциони власти и безбедносни структури, пак, сметаат дека нема основа за депортирање на поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност.