/ Прочитано:

1.444

Неопходни се измени на постојниот Правилник за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа

Групацијата за безбедност и заштита при работа бара од компаниите и нивните клиенти да ги дефинираат цените на услугите. Претседателот на Групацијата за безбедност и заштита при работа, Сашко Стојмановски, вели дека државата не може да ги диктира цените и тие не треба да бидат фиксни и таксативно наведени како што е во Правилникот за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа.

Групацијата за безбедност и заштита при работа бара од компаниите и нивните клиенти да ги дефинираат цените на услугите, а не тоа да го прави државата. Од овие причини, Групацијата денеска укажа дека се неопходни измени на постојниот Правилник за висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа, бидејќи, како што велат, со него сите фирми од дејноста се ставени во ист кош, а тоа ги нарушува слободниот пазар и лојалната конкуренција. 

Со Правилникот не се пропишани ниту патните трошоци за компаниите кои ги наплаќаат услугите, тие немаат можност за развој, за купување нови инструменти, како и за дополнителни обуки и едукација на вработените.

Претседателот на Групацијата за безбедност и заштита при работа, Сашко Стојмановски, вели дека државата не може да ги диктира цените. Понатаму, истакнува Стојмановски, цените не треба да бидат фиксни и таксативно наведени како што е во Правилникот.

„Сме се определиле за слободен пазар, а ако сакаме договорна економија, тогаш државата нека ја финансира дејноста“, рече претседателот на Групацијата, Стојмановски.

Со еднаквите цени за сите, независно кој каква услуга дава, појаснува потпретседателот на Групацијата, Борче Стојчевски, се доведува во прашање опстанокот на компаниите кои професионално си ја вршат работата.

„Од друга страна, драстично е намален квалитетот на услугите, а бројот на смртни случаи и на повреди на работното место се зголемува, наспроти тенденцијата да бидат сведени на нула. Немаме можност за развој, идејата со донесувањето нов или промена на актуелниот Правилник е да се пропишат основните барања кои треба да бидат застапени, односно да се дефинира начинот на извршување на услугите“, потенцираше Стојчевски.

Стојчевски наведе неколку, како што рече, нелогични примери кога станува збор за цените на услугите во Правилникот.

„Мерењето на моменталната хемиска штетност изнесува од 25 до 65 евра, иако трошоците само за мерење азбест (кој спаѓа во хемиска штетност) достигнуваат најмалку 100 евра, а мерењето јаглерод диоксид е пет евра. Ситуацијата дополнително ја комплицира фактот што Правилникот еднакво важи и за државните факултети и за државните средни училишта кои даваат вакви услуги. Факултетите и средните училишта добиваат пари од даноците и располагаат со многу подобра, посовремена опрема“, вели  Стојчевски.

Во Македонија моментално околу 45 компании се занимаваат со безбедност и заштита при работа. Законот со кој се регулира дејноста е донесен во 2007 година и оттогаш има претрпено неколку измени, по што во 2014 година е усвоен и Правилникот за висина на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа.

Инаку, со овој правилник се пропишува висината на трошоците за извршување на стручните работи за безбедност при работа врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи.

А. Б.