/ Прочитано:

2.723

Неопходно е да се воведат служби за обезбедување нега во домашни услови за лицата кои не можат да функционираат самостојно

Изнемоштените и стари лица не може да си дозволат нега од друго лице, бидејќи во паричниот месечен надомест што го добиваат не е пресметана работата на оние што им обезбедуваат нега и грижа. Поради тоа, сиромашните семејства се зависни од неплатената нега што ја обезбедуваат членови од семејството. Обезбедувањето неплатена нега е прашање кое неминовно се поврзува со родовата еднаквост, бидејќи жените што во семејството се посветени на грижата околу лице што е хендикепирано, има слепило, не може да се движи, се бори со некакво хронично заболување, не може да стекнат ниту финансиска независност ниту, пак, имаат можност да се вклучат во општествениот живот и во другите активности во заедницата.

Паричниот надоместок во износ од 4.348 денари или во износ од 3.846 денари што го обезбедува државата за помош и нега на луѓето што имаат некаква хронична прогресивна болест, кои се со инвалидитет или се стари, едвај може да ги покрие трошоците за лекови и медицински материјали, покажуваат анализите на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост (ЕСЕ).

Правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице го обезбедува Министерството за труд и социјална политика. Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26-годишна возраст со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, целосно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба на кое му се неопходни помош и нега од друго лице поради тоа што не може самото да ги извршува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

„Во зависност од тежината на состојбата во која се наоѓа лицето, државата обезбедува два износа на паричен надомест: потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем и потреба од помош и нега од друго лице во помал обем. Месечниот износ за помош и нега во поголем обем изнесува 4.348 денари, а месечниот износ за помош и нега од друго лице во помал обем изнесува 3.846 денари. Двата износа се определуваат според одредени критериуми, односно според здравствената состојба на лицата што имаат потреба од грижа од друго лице“, појаснуваат од ЕСЕ.

Од овие причини, изнемоштените и стари лица не може да си дозволат нега од друго лице, бидејќи во паричниот месечен надомест не е пресметана работата на оние што им обезбедуваат нега и грижа. Поради тоа, сиромашните семејства се зависни од неплатената нега што ја обезбедуваат членови од семејството.

„Во вакви случаи, целиот товар што го создава работата поврзана со давање на помош на луѓето што имаат сериозни здравствени проблеми или се стари и изнемоштени и не може да функционираат самостојно, за сами да ги извршуваат секојдневните животни активности, го сносат најчесто женските членови во семејството. Обезбедувањето неплатена нега е прашање кое неминовно се поврзува со родовата еднаквост, бидејќи жените што во семејството се посветени на грижата околу лице што е хендикепирано, има слепило, не може да се движи, се бори со некакво хронично заболување, не може да стекнат ниту финансиска независност ниту, пак, имаат можност да се вклучат во општествениот живот и во другите активности во заедницата“, вели Борјан Павловски од здружението ЕСЕ.

Но, во многу потешка состојба се семејствата составени од само два-три члена,  од кои на едниот му е потребна 24-часовна грижа.

„Мајка ми има 76 години. Боледува од мултиплекс склероза, која се манифестира со губење на меморијата. Пред да заминам на работа, ги исклучувам сите електрични уреди за да не се случи некаква трагедија. Сам се грижам за неа веќе три години, а истовремено морам и да заработувам за да преживееме. Не можеме да си дозволиме некој друг да ја гледа, едноставно не ни стигнуваат нејзината пензија и мојата плата. Парите што ни ги дава државата не се доволни ниту да ангажирам некој да се грижи за неа, ниту пак можам да ја сместам во јавна установа за долготрајна нега“, вели Ване Цеков.

Според анализите, цената да се ангажира лице што би вршело нега во домот (во просек осум часа дневно) на месечно ниво изнесува помеѓу 9.000 до 12.000 денари. Доколку лицето е сместено во јавна установа за долготрајна нега, семејството треба да плати износ од околу 15.000 денари месечно (во таа сума се вклучени и трошоците за исхрана, перење на облеката и постелнината, лекови и сл.). Цените, пак, во приватните установи за сместување и нега се многу повисоки и на месечно ниво започнуваат од 22.000 денари и се движат нагоре.

За успешно решавање на ваквите сериозни проблеми, со кои се соочуваат голем број македонски семејства, како што посочуваат во ЕСЕ, институциите мора да преземат конкретни мерки и политики. Во оваа насока, Здружението дава низа препораки.

„Треба да се зголеми износот на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, најмалку до износот на минималната месечна нето плата исплатена во Македонија, со цел да го намали товарот што го создава работата поврзана со негата на полнолетни лица врз членовите на семејството, пред сѐ врз жените. Државата треба да воведе служби за обезбедување на нега во домашни услови за лицата што не се способни самостојно да ги извршуваат основ­ните животни потреби, како резултат на хронична прогресивна болест, инвалидитет или старост. Исто така, треба да се обезбедат структурирани форми на едукација за лицата што даваат неплатена нега во домаќинствата“, нагласува Павловски.

А. Б.