/ Прочитано:

1.191

Неопходно е посебно законско решение кое ќе го уреди обесштетувањето на жртвите со трговијата на луѓе

„Потребата за воспоставување фонд за обесштетување на жртвите во Македонија, и покрај тоа што произлегува од потпишани и ратификувани документи, воедно се наметнува како неопходност која како држава сами сме ја увиделе, но и како неопходност која Националната комисија за борба против трговијата со луѓе веќе подолг временски период ја констатира“, истакна Магдалена Несторовска, национална координаторка за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, во своето обраќање на меѓународниот семинар за добра практика за етаблирање на државна шема за надомест на жртвите на трговијата со луѓе.

На меѓународниот семинар за добра практика за етаблирање на државна шема за надомест на жртвите на трговијата со луѓе, кој денеска заеднички го организираа Министерството за правда и Советот на Европа, беа разменети искуства од различни професионални перспективи, а беа направени и анализи на модалитетите за воспоставување државна шема за отштета за жртвите на трговијата со луѓе.

Националната координаторка за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Магдалена Несторовска, во своето обраќање на семинарот истакна дека Македонија како земја која цели кон евроинтеграциите во моментов е во фаза на усогласување на своето законодавство и на сите правни норми со европското и тоа особено од сферата на заштитата на човековите слободи и права. Несторовска рече дека особено внимание мора да се посвети на самата жртва на трговијата со луѓе, а државните органи треба да сторат сè што можат за таа да ги надмине последиците што се предизвикани од тоа.

„Потребата за воспоставување фонд за обесштетување на жртвите во Македонија, и покрај тоа што произлегува од потпишани и ратификувани документи, воедно се наметнува како неопходност која како држава сами сме ја увиделе, но и како неопходност која Националната комисија за борба против трговијата со луѓе веќе подолг временски период ја констатира. Потребно е да се донесе посебно законско решение кое ќе го уреди обесштетувањето на жртвите со трговијата на луѓе. Во Македонија надоместокот како мерка, од страна на жртвите на трговијата со луѓе сè уште не е доволно искористена. Иако има пресуди за компензација, сепак жртвите на трговијата со луѓе досега не добиле ниту материјален, ниту нематеријален надоместок“, истакна Несторовска.

Таа појасни дека правото на надомест, освен што ја олеснува реинтеграцијата на жртвата, има и превентивна функција, нагласувајќи дека надоместокот не дозволува жртвата да се најде во ситуација на неизвесност и принуденост поради тешката економска ситуација повторно да стане жртва на криминал.

Главна цел на меѓународниот семинар за заштита на жртвите од трговијата со луѓе беше учесниците, односно претставниците од власта и од невладиниот сектор преку дискусија да ги презентираат моделите на државните шеми за отштета на жртвите на трговијата со луѓе или оние што се специјално востановени за нив. Исто така, целта беше да се направи и проценка на слабостите и предностите на различните модели на државни шеми за отштета на жртвите на трговијата со луѓе.

А. Б.