Неосновано притворените граѓани поради бирократските процедури и малиот надомест за штета ретко се охрабруваат да ја тужат државата
Здружението за заштита и унапредување на човековите слободи и права „Сведок“ од Скопје ќе го промовира истражувањето: „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“, кое е финансиски поддржано од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Станува збор за истражување за бројот на неосновано притворени граѓани во Република Македонија во последните пет години, за надоместокот што го исплаќа државата за ден поминат во затвор/притвор и за водењето на судските постапки за остварување на правото на надомест на штета поради неоснована осуда.
Истражувањето го претставија професорите од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордана Бужаровска, Неда Здравева, Ванчо Узунов и Бобан Мисоски, кои исто така учествувале во подготовката на истражувањето и анализата на судските пресуди.
Според истражувањето, во последните пет години 138 македонски граѓани биле неосновано притворени, а подоцна против нив не било поведено обвинение или пак биле ослободени по жалби во судските постапки. Според податоците, вкупниот број на притворенички денови за неосновано осудени лица во периодот 2011 – 2015 година изнесувал 10 316 дена.
Воедно, во истражувањето се посочува дека, според податоците на јавните обвинителства во периодот од 2011 до 2015 година, близу 6 700 обвинети лица не биле прогласени за виновни. Од нив, за 1 700 лица судот донел ослободителни пресуди, а за близу 300 лица судот го одбил обвинението.
Неосновано притворените граѓани, се вели во истражувањето, имаат право да ја тужат државата и да бараат отштета за неосновано притворање, но таквата можност не ја искористиле ниту половина од нив. Како што се посочува истражувањето, причината за тоа се бирократските процедури и малиот надомест што го досудуваат судовите, кој се движи од 2 400 до 3 000 денари. Истражувањето покажува дека судовите имаат унифицирана сума за еден ден поминат во притвор, која се движи од 40 до 50 евра, во зависност од тоа кој суд одлучува. Во истражувањето се потенцира дека судовите се, како што се вели, штедливи во однос на оптоварувањето на Буџетот.
„Граѓаните во анализираниот период побарале износ за материјална штета од 8.512.485,00 денари, а вкупниот досуден износ на надомест на материјална штета е 3.864.864,00 денари. Или судот признал 45 % од бараната сума за материјална штета. За нематеријална штета биле побарани 65.486.050,00 денари, а досуден е износ за материјална штета од 15.480.281,00 денари, или судот како нематеријална штета признал 23,6 % од бараната сума“, се вели во истражувањето.
„Сознанието дека цената за ограничување на слободата во РМ е многу ниска и дека судиите во граѓанските судови имаат етаблирана практика за досудување на мали и незначителни износи за надомест на штета, негативно се одразува врз судиите во кривичната постапка некритички да определуваат мерка притвор“, констатираат професорите Гордана Бужаровска, Неда Здравева, Ванчо Узунов и Бобан Мисоски.
За потребите на истражувањето професорите анализирале 74 пресуди за надомест на штета поради неосновано притворање од сите судови во Македонија од 2011 до 2015 година, како и репрезентативен примерок на пресуди донесени во периодот од 2007 до 2011 година, како и во 2016 година. Најголем број пресуди, се вели во истражувањето, биле донесени од скопскиот суд.
За професорите е зачудувачки зошто во некои случаи во Македонија се определува марка притвор иако минало подолго време од сторувањето на делото. Не може да поминат без реакција, нагласуваат професорите, случаи во кои по неколкумесечен притвор на обвинетите им се изрекува условна осуда единствено за да се оневозможи основ за надомест на штета поради неосновано лишување од слобода.
„Како контроверзни треба да се третираат случаите кога на обвинетите им се изрекува казна затвор со времетраење идентично со времето минато во притвор, по што се наметнува едно основно прашање – дали во сите тие случаи воопшто постоела вина или целта е да се покрие притворот и да се одбегне основаноста на лишувањето од слобода како основ за надомест на штета“, посочуваат професорите во своите истражувања.
Професорите образложуваат дека изедначувањето на материјалната сатисфакција за сите кои го побаруваат тоа има своја логика само кога ќе се одлучува за надоместокот за повреда на правото на слобода.
„Имајќи го предвид фактот дека притворот влијае на душевното и физичкото здравје, загубата на приватноста и во одредени случаи медиумската експонираност, начинот на кој лицето се реинтегрира во средината во која живее, односно на неговиот углед и чест, овие околности судот треба да ги цени засебно и индивидуално“, истакнуваат професорите.
Професорите образложуваат дека постапката за надомест на штета започнува како управна постапка за склучување на спогодба помеѓу неосновано притвореното лице и Министерството за правда. Но, додаваат професорите, и во ситуација кога граѓанските судови ќе определат надомест за незаконското држење во притвор или во затвор, државата не сака да ја исплати штетата доброволно, туку граѓаните мора да поднесат барање до извршител за присилна наплата.
„Еден од невропсихијатрите, прашан за тоа дали постои сума на пари и колкава би била таа за на правичен начин да го компензира неоснованото притворање, наместо да одговори, настапил со контрапрашања: ‘Колку пари би платиле вие за да не завршите барем еден ден на правдина зад решетки? И дали тоа би биле 2 400 до 3 000 илјади денари колку што досудуваат судовите за ден неосновано поминат во притвор?’“, се вели во истражувањето.
Истото, се вели во истражувањето, се случува и со адвокатите кои ги застапувале граѓаните што биле ослободени. И за нивните трошоци кои се наплаќаат од Буџетот, наплатата оди по присилен пат. Во однос на надминување на констатираните состојби за неосновано притворените и затворени граѓани, професорите нагласуваат дека Министерството за правда треба да ја преиспита својата улога во постапките за склучување спогодба за надомест на штета.
„Мерката притвор е само една од мерките за обезбедување присуство во кривичната постапка, па и на тој начин треба да се гледа на неа. Судовите треба да го преоценат системот за изедначување на надоместоците за сите лица кои биле притворени и да го индивидуализираат пристапот во согласност со спецификите и околностите на секој случај одделено“, велат универзитетските професори во Истражувањето „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“ на Здружението за заштита и унапредување на човековите слободи и права „Сведок“.
Професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Гордана Бужаровска, Неда Здравева, Ванчо Узунов и Бобан Мисоски, порачуваат дека е неопходно и преиспитување на Законот за парничната постапка во поглед на висината на предметот на спорот како неопходен услов за ревизија во овие спорови.
„ЗПП и Законот за судските такси наметнуваат обврска за плаќање такса и во овие спорови. Со оглед на тоа дека повод за спорот во својата есенција е повреда на човековите права од страна на државата, сметаме дека одредбите од Законот за судските такси треба да се ревидираат, така што ќе се овозможи ослободување од обврска за плаќање такса на граѓаните во овие спорови“, предлагаат професорите.
M.В