Неплатената прекувремена работа – причина поради која работниците бараат правна заштита
До Државниот инспекторат за труд годишно се доставуваат од 2 500 до 2 700 претставки од работници за заштита на правата од работен однос по разни основи. Дел од нив се поради неисплата на плати, додатоци и надоместоци од плата, работно време, прекувремена работа, одмори и отсуства и друго. Инспекторите постапуваат по нив и вршат инспекциски контроли во фирмите и институциите за кои се жалат вработените. Доколку инспекторот при контролата констатира дека е повреден Законот, со решение му наредува на работодавачот во определен рок да ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности. Непостапувањето по решението на инспекторот претставува прекршок. Покрај овие контроли, трудовата инспекција врши и редовен инспекциски надзор. Секој инспектор врши од 30 до 40 контроли месечно, што значи дека на годишно ниво се извршуваат околу 25 000 контроли.
Десетчасовна работа на градежни скелиња, покрај машини за шиење, или зад компјутери во канцеларија, без ниту денар плус за прекувремените работни часови. Во ваква ситуација се голем дел од македонските работници, притиснати од работодавачите да остануваат на работа прекувремено и без каков било надомест. Како најкритични дејности синдикатите ги издвојуваат градежништвото, трговијата, текстилната индустрија, но не е многу поинаква ни положбата на вработените во другите сектори.
„Токму неплатената прекувремена работа е една од главните причини поради кои работниците бараат правна заштита и совет од Синдикатот. Работодавачот има обврска за електронска евиденција на работното време (отчукување на картичката на почетокот и на крајот на работното време), и секако обврска за евиденција на прекувремената работа“, велат од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија – СИЕР.
Според СИЕР, електронската евиденција е најпрецизна бидејќи точно покажува колку време поминал работникот на своето работно место. Проблемот е во тоа што бројот на часови во прекувремена работа е ограничен во согласност со Законот за работни односи, па вишокот часови не секогаш можат да се внесат во пресметката за плата како прекувремена работа.
Целата ситуација се усложнува дури и кога работодавачот е согласен да ја плати прекувремената работа на вработениот. Според Законот за работни односи, прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно. Во стопанството, каде што има континуирано производство, односно каде што се работи во три смени, се случува вработениот да оствари повеќе работни часови од неговите колеги што работат во една смена, што е, исто така, прекувремена работа, односно работа подолга од полното работно време. Според СИЕР, во вакви случаи, ако работодавачот го плаќа само законски дозволениот број прекувремени работни часови, тогаш работникот повторно е оштетен. Според Општиот колективен договор, надоместокот за прекувремена работа е најмалку за 35 % повисок од износот на саатницата во редовно работно време. Работодавачот не може да постапи поинаку дури и да сака да ги плати сите часови прекувремена работа. Во образецот МПИН, кој се доставува до УЈП, не се предвидени повеќе работни часови од законски дозволените. Ваквата неусогласеност на законските одредби со другите акти и прописи, според СИЕР е недозволена и треба веднаш да претрпи измени.
Секако, овие забелешки се однесуваат само на оние фирми каде што Синдикатот има увид во состојбите, каде што работниците се организирани и каде што работникот може да се пожали. Многу е поголем бројот на оние во кои синдикатите немаат никаков пристап. Таму прекувремената работа е нормална и секојдневна појава, а за плаќањето на вишокот одработени часови не станува ни збор.
„Во вакви ситуации Синдикатот не може да преземе ништо бидејќи во отсуство на каков било увид во работите не можеме ништо да докажеме на суд“, велат во СИЕР.
И јавните и државните службеници сè повеќе остваруваат прекувремени работни часови. Најмногу вишок работни часови имаат вработените во шумската полиција, во судската полиција и во затворската полиција. Според Трпе Деаноски, генерален секретар во Синдикатот на УПОЗ, плаќањето за време на празник и неделен одмор порано се реализирало во согласност со Колективниот договор, и тогаш надоместокот изнесувал 150 % од дневницата за работни часови. Во моментов, не се признава овој договор, и тоа особено во однос судските службеници, па така наплатата се врши во согласност со Законот за судска служба и изнесува 50 % од дневницата. Деаноски го посочува како проблематичен фактот дека во целата група закони што го регулираат работењето на јавната администрација (Законот за судска служба, Законот за административни работници, Законот за извршување санкции) стои дека за прекувремените работни часови на работникот прво треба да му бидат понудени слободни денови. Според него, ова не им одговара на најголем дел од вработените, кои, наместо слободни денови, повеќе сакаат да им се плати за прекувремената работа.
„Ситуацијата на терен е дури и полоша. Во државните и во јавните институции прекувремената работа се плаќа ретко и многу тешко. Се прават и манипулации, па така на пример наместо целосна исплата на сите прекувремени часови, во пресметката за плата се прават разни видови калкулации за на крајот работникот да добие помал износ од потребниот“, вели Деаноски.
Дел од вработените се охрабруваат и ги пријавуваат овие нерегуларности во синдикатот. Најбројни меѓу нив се судските полицајци, кои тужеа и добија на суд.
До Државниот инспекторат за труд годишно се доставуваат од 2 500 до 2 700 претставки од работници за заштита на правата од работен однос по разни основи. Дел од нив се поради неисплата на плати, додатоци и надоместоци од плата, работно време, прекувремена работа, одмори и отсуства и друго. Инспекторите постапуваат по нив и вршат инспекциски контроли во фирмите и институциите за кои се жалат вработените. Доколку инспекторот при контролата констатира дека е повреден Законот, со решение му наредува на работодавачот во определен рок да ги отстрани констатираните недостатоци и неправилности. Непостапувањето по решението на инспекторот претставува прекршок. Покрај овие контроли, трудовата инспекција врши и редовен инспекциски надзор. Секој инспектор врши од 30 до 40 контроли месечно, што значи дека на годишно ниво се извршуваат околу 25 000 контроли.
Според Злате Стојановски, раководител во Државниот инспекторат за труд, бројот на претставките во сите подрачја не е ист.
„Во помалите места каде што има помалку фирми и помал број вработени, логично е дека ќе има и помалку претставки. Дел од претставките се анонимни, а праксата покажува дека работниците одлучуваат јавно да се пожалат, дури откако ќе им престане работниот однос“, вели Стојановски.
Според него, Законот е прецизен во однос на условите под кои работникот треба да добие додатоци на плата. Во Законот за работни односи и во Општиот колективен договор за приватниот сектор е предвидено дека основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за :
-прекувремена работа – 35 %
-работа ноќе – 35 %
-работа во три смени – 5 %
-работа во ден на неделен одмор – 50 %
За работа за време на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест за платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и исплата на плата за часовите поминати на работа зголемена за 50 %.
Глоба во износ од 3 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач правно лице доколку:
На работникот му нареди да работи со подолго работно време од работното време определено со Закон, доколку не води или неправилно води евиденција на работното време и на прекувремената работа и доколку не го извести Инспекторатот за воведување на прекувремена работа, доколку не исплати плати и придонеси од плата, доколку на работници не им обезбеди одмори и друго.
На одговорното лице му се изрекува глоба во висина од 30 % од глобата предвидена за правното лице.
Висината на глобата се одмерува во согласност со одредбите од Законот за прекршоци.
А. Б.