/ Прочитано:

3.909

„Непознавањето на законите е реалност во РМ“ – „Анима мунди“ предупредува на шеми за остварување на противправна материјална корист

Нелогичности и недоволно познавање или произволно толкување на законите е реалност во Република Македонија, се вели во соопштението на „Анима мунди“.

Последно, велат од „Анима мунди“, е тужба поднесена до Основниот суд Велес против Општина Велес и „Ветеринарна станица ДОО Велес“ во која тужителот бара да се усвои неговото тужбено барање и да се задолжат тужените да му исплатат на име „справедлив надомест за повреда на личните права, претрпена нематеријална штета“ сума во износ од 60.000,оо денари.

„Тужителот ја тужи ветеринарната болница, која е ангажирана и задолжена исклучиво за третман на бездомни животни, за претрпен страв, душевни болки и нематеријални штети во износ од 60.000 денари и тоа го поткрепува со мислење од Врховен суд дадено во негова корист – иако ветеринарната болница со ниту еден закон не е одговорна за ништо повеќе од укажување ветеринарен третман на бездомните животни, кои ќе ги залови или/и ќе бидат донесени и нивно враќање назад на локацијата од која се земени.

За иронијата да биде поголема, тужителот НЕМА никаков доказ за тоа кое и какво куче го каснало, НИТУ го однел кучето, НИТУ повикал ветеринар на лице место, кој требало да констатира дали кучето е микрочипирано во согласност со Законот за регистрација на домашните миленици или доколку не е, да провери дали тоае бездомно животно кое поминало или не ветеринарен третман, односно НЕ СЕ ЗНАЕ дали кучето има или нема сопственик! Стручното лице штоги констатирало повредите на тужителот е истото лице што во судската постапка го вештачи, а утврдува и штета (за што остварува и финансискинадомест), што е противзаконскии без двоумење ја доведува во прашање непристрасноста на самиот вештак и целата судска постапка! Дали е на повидок воспоставување шема за остварување материјална корист по примерот на Србија, кога добро уиграна група луѓе, со нанесување повреди од заби на веќе мртви кучиња, остваруваа милионски штети од државата?

Ваквите постапки се противправни, неетички, вршат притисок врз работата на ветеринарите и создаваат идеални услови за чистка – стимулираат убивање на кучињата. Информираме дека ‘Анима мунди’безрезервно ќе го поддржи ветеринарот во оваа постапка и бараме институциите да реагираат итно!“ се вели во соопштението на „Анима мунди“.

Начелното мислење на Врховниот суд на РМ,додаваат од „Анима мунди“, на кој се повикува тужителот и кој ја поткрепува тужбата, е спротивно на законските одредби што ја регулираат оваа проблематика (Закон за заштита и благосостојба на животните, Закон за ветеринарна дејност) – според логиката на ова мислење, хипотетички, за штета што би ја направила и мечка на нечиј имот (како дивеч под заштита), освен РМ, треба да одговара и ветеринарот што претходно ја лекувал додека била повредена (што нема никаква правна основа).

„Со вакво извртено толкување на законот, Врховниот суд, всушност, создава услови за манипулација и злоупотреба, со цел остварување финансиски интерес и ситуација ветеринарните станици да ги раскинат постојните договори (како што е случај со тужениот ветеринар) и да не се јавуваат на тендерите, а со тоа да се прекине процесот на контрола на популацијата на бездомни кучиња и хуманиот третман, предвиден во согласност со европските директиви.

Секако и пред сѐ,се вршат влијание и притисок ветеринарите да прибегнуваат кон масовно убивање на животните, со цел да не бидат изложени на можен притисок и казни, а тоа е и појдовната причина поради која тужениот во конкретниот случај го раскина тендерот за работа во Општина Велес, затоа што веќе не постојат услови да работи хумано и професионално!

Но ова ќе се јави и како голем проблем на патот на Македонија кон Европската Унија, бидејќи покрај сите услови што треба да ги исполниме, треба да се исполни и условот за постоење на соодветна регулатива за хуман третман и благосостојба на животните во согласност со европските директиви, а со вакви мислења на Врховниот суд се оди спротивно на овие барања“, се посочува во соопштението на „Анима мунди“.

M.В