/ Прочитано:

3.760

„НЕПРАВОТО НЕ СМЕЕ ДА СТАНЕ ПРАВО“ – Кривичарите дискутираа за правните дилеми поврзани со конфискацијата на имот и имотна корист

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ), во соработка со Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Амбасадата на САД во Република Македонија, организираше научна и стручна расправа на тема „Практична примена и правните дилеми поврзани со конфискацијата на имот и имотна корист“.

Во своето воведно излагање, проф. д-р Трпе Стојановски, претседател на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, истакна дека прашањето за конфискацијата на имот и имотната корист е исклучително важно прашање за борбата против криминалот.

Предметот на научната расправа, посочи Стојановски , е насочен кон неколку точки кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста, а меѓу нив се казнено-правните аспекти на конфискацијата на имот и имотна корист, конфискација на имот и имотна корист без казнена одговорност, конфискација на имот и имотна корист од правни лица, искуства на СЈО во однос на конфискацијата на имот и имотна корист, финансиските истраги. Откако ќе бидат донесени препораките и заклучоците од расправата, истакна Стојановски, надлежните организации ќе подготват извештај во кој ќе бидат содржани резултатите од неа.

Во таа насока, на денешниот настан беше констатирано дека позитивно е што за темата на конфискацијата ќе говорат претставниците на стручната јавност,  правосудната фела, како и меѓународни експерти, судии и професори кои ќе укажат на најзначајните аспекти на конфискацијата на имот стекнат со криминал, како постапката за конфискација да се спроведе низ практиката и што таа би требало да претставува како превенција од криминалот.

Проф. д-р Гордана Бужаровска, акцентирајќи ја важноста на прашањето, на почетокот на денешниот настан нагласи дека конфискацијата е потребна затоа што со неа се задоволува правдата. Сепак, додаде Бужаровска, конфискацијата во Македонија не е заживеана што не е во насока на остварување на целите на правдата, како и во насока на она што значи реафирмација на конфискацијата на криминалните приноси во современите законодавства.

Конфискацијата е мерка со која се спречува остварувањето на основната цел на сторителите на користољубиви дела, а тоа е здобивање криминален профит и негово вклучување во легалните економски и други активности. Нејзината доследна примена, потенцираа кривичарите на денешниот настан, го чини реално предупредувањето дека „криминалот не се исплатува“.

Како што образложи академикот Владо Камбовски, извршувањето на посебните мерки на конфискација на имот и одземање на предмети не застарува и според Кривичниот законик, никој не може да ја задржи непосредната и посредната имотна корист прибавена со кривично дело. Имотната корист, се пропишува во Кривичниот законик, ќе се конфискува со судска одлука со која е утврдено извршувањето на кривичното дело под условите предвидени со овој законик. Одлука за конфискација судот ќе донесе во постапка определена со закон и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на кривичното дело. Под услови определени со ратификуван меѓународен договор, конфискуваниот имот може да биде вратен на друга држава. Конфискација на имот и имотна корист и одземање предмети, посочи Камбовски, во Кривичниот законик, исто така, се предвидени и за правните лица, што значи и за политичките партии.

Конфискацијата, подвлече Камбовски, подразбира и ефикасна правда, но воедно треба и да се знае дека таа не претставува казна.

„Конфискацијата, всушност, подразбира почитување на начелото дека од неправо никогаш не може да стане право“, нагласи Камбовски, додавајќи дека за значењето на прашањето на конфискацијата говори и фактот што оваа проблематика е регулирана и со меѓународни конвенции, како оние на Обединетите нации, така и на Советот на Европа.

Со конфискацијата, односно со одземањето на имотот и криминално стекнатиот имот, образложи Камбовски, клучно е што криминалот се обесхрабрува, се губи мотивот, се одвраќаат потенцијалните сторители, се разбиваат криминалните организации, но и се подобрува статусот на жртвата.

Камбовски истакна дека во Македонија на прашањето на конфискацијата мора посериозно да се гледа како од научен и практичен, така и од наставен план.

„Додека читам некои пресуди, се чудам. Си велам, дали судијата воопшто знае за оваа мерка? Но, да го прашате судијата зошто пресудата е таква, зошто нема конфискација, веројатно ќе ви рече, па не предложи обвинителството, од обвинителството пак ќе посочат кон МВР и сè така во еден синџир од одговори…“ посочи Камбовски.

Академикот Камбовски посочи дека и позицијата на обвинителот во врска со казнено-процесните аспекти на конфискацијата е сложена. Во однос на Специјалното јавно обвинителство, Камбовски нагласи дека СЈО како обвинителство мора да се придржува до начелото на легалитет и да ги оствари надлежностите и законските цели за кои е формирано.

Американскиот судија Пол Г. Бајрон, пренесувајќи ги своите искуства во изготвување на закони за спречување на перење пари и личната вклученост во борбата со овој криминалитет и корупцијата, посочи дека клучно за борбата со криминалните организации е постоење на силен и добро организиран тим кој ќе умее да се справи со криминалот кој во денешно време, како што образложи судијата, станува сè пософистициран. Криењето на криминално стекнатиот имот и пронаоѓањето начини тој да стане легален е еден од предизвиците на кои мора да одговорат обвинителството, судството и правосудството воопшто.

М.В