/ Прочитано:

1.156

Неразбирливите закони кои се носат преку ноќ им создаваат проблеми на компаниите

Поддршка на микро, на малите и на средните претпријатија за полесно имплементирање на законите и јакнење на јавно-приватниот дијалог се целите на новиот четиригодишен проект со кој првпат, во насока на донесување подобра бизнис-регулатива, капацитетите ги здружуваат Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

akademik foto

На денешниот настан во врска со донесувањето на подобра бизнис-регулатива, беше истакнато дека законите во  последниве години, наместо да ја олеснат и да ја поедностават работата на компаниите, дополнително ја комплицираат. Законите, беше потенцирано на настанот, се добри на хартија, но во пракса создаваат проблеми.

„Законите често се менуваат и не се разбирливи. Од тие причини, законите тешко можат да се следат и да се применуваат“, беше нагласено на настанот, на кој говореше и директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.

„Во 2015 година Собранието донесе 541 закон, од кои 57 отсто преку ноќ, без јавни консултации. Иако тоа беше во насока на подобрување на регулативата, сепак, се покажа како голем предизвик за бизнисите, за нивните напори да се приспособат кон направените промени“, подвлече Стаин.

Според директорот на Мисијата на УСАИД во Македонија,  подобрата бизнис регулатива може да се оствари преку транспарентни консултации меѓу државните институции и бизнис-заедницата. На тој начин, посочи Стаин, ќе се овозможи полесно разбирлива регулатива за компаниите која ќе биде и поедноставна за примена.

Елена Милевска-Штрбевска од Стопанската комора дополни дека со проектот, микробизнисите и малите бизниси ќе ја подобрат усогласеноста со законските барања, а бизнис-организациите ќе воспостават конструктивен дијалог за подобрување на регулативата.

„Како комори, подготвени сме да спроведеме сè што е од значење за нашите членки. Ќе овозможиме успешно имплементирање на проектот и кај компаниите надвор од Скопје, нивна вклученост преку мрежата на регионални комори“, рече Милевска-Штрбевска.

Честата промена на законите и невклученоста на деловната заедница во јавните расправи се проблем за странските инвеститори. Исто така, поефикасната администрација и поедноставувањето на административните постапки и правните процедури се клучните проблеми кон кои посочуваат инвеститорите, а кои се нагласени во Белата книга на Советот на странски инвеститори.

M.В