/ Прочитано:

1.322

Нерегуларности при гласањето на слепите лица и лицата со оштетен вид за време на изборниот процес

За време на изборниот процес, забележани се нерегуларности при гласањето на слепите лица и лицата со оштетен вид, известуваат од Хелсиншкиот комитет.

„До Хелсиншкиот комитет пристигнаа две пријави од лица од оваа категорија кои наведоа дека имале неуспешен обид да го остварат своето избирачко право во согласност со новиот начин на гласање за слепите лица и лицата со оштетен вид“, велат од Комитетот.

Во согласност со новото Упатство за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид, донесено на 28 септември 2017 година, на слепите лица и лицата со оштетен вид им се дава можност да гласаат користејќи шаблон на Брајова азбука, на кој се отпечатени податоците од избирачкото ливче.

Шаблонот е изработен со цел секое слепо лице, односно лице со оштетен вид да може да гласа самостојно и тајно. На лицата што ги пријавија неправилностите не им било овозможено да го остварат своето избирачко право во согласност со новиот начин на гласање, бидејќи како што наведоа, посебните шаблони на Брајова азбука сè уште не биле пристигнати на двете одделни избирачки места.

„Пријавите беа примени околу 8 часот утрината. Во согласност со членот 91 од Изборниот законик, Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 72 пред денот определен за одржување на изборите, додека во согласност со член 92 Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори на територијата на Република Македонија. Во конкретните случаи, избирачите не биле во можност да го остварат своето избирачко право на денот на изборите, што е повреда на цитираните законски одредби. Подоцна бевме информирани дека шаблонот бил доставен до избирачките места околу 8:30 часот, односно час и половина по отворањето на избирачките места за гласање“, посочуваат од Комитетот.

Меѓу другите пријави, Хелсиншкиот комитет добил поплака од лице вработено во јавно претпријатие кое навело дека не може да го оствари своето избирачко право бидејќи било на работа во текот на целиот изборен ден, без можност за замена.

„Хелсиншкиот комитет го пријави ваквиот случај во Министерството за труд и социјална политика, со цел да се изврши увид во фактичката состојба во конкретниот случај од страна на инспектор за труд. Хелсиншкиот комитет беше известен дека Министерството и инспекторот за труд соодветно постапиле и на лицето му било овозможено да го оствари своето избирачко право. До Хелсиншкиот комитет се обратија повеќе граѓани кои пријавија нерегуларности поврзани со Избирачкиот список, во смисла на тоа дека сè уште постојат непостојни гласачи на нивните адреси, како и случаи за бришење од евиденцијата на гласачи во Избирачкиот список на граѓани на кои не им била позната основата на нивното бришење од списокот. Со ваквите пријави се добива впечаток дека повторно и овие избори се одржаа во услови на непрочистен Избирачки список. Хелсиншкиот комитет упатува препорака за поголема соработка и координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија во насока на изнаоѓање ефективен механизам за прочистување на Избирачкиот список и подготвување упатство за постапката за бришење на непостојните гласачи од Избирачкиот список кој ќе биде достапен за сите граѓани“, информираат од Комитетот.

М.В