/ Прочитано:

2.836

„Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик

За љубовта кон правото разговараме со Росица Ефтимовска, правник и менаџер за правни обуки во Академик.

Кога започна твојата љубов во правото?

Начинот на кој јас го засакав правото е баш наивен и неповрзан со неговата суштина. Имено, уште кога бев малечка, мислам дека сѐ уште не бев тргната на училиште, или пак одев во основно училиште, гледав филмови во кои имаше судски процеси. Им се воодушевував на судиите, на нивниот последен збор и на тропотот со чеканчето. Уште тогаш посакував да го работам тоа и еден ден решив дека ќе се занимавам со право. До денешен ден многу го почитувам судот како институција и навистина ми е криво кога ќе видам дека правосудниот систем кај нас некогаш разочарува. Не сакам да верувам дека професионалноста и етичките вредности кај нас недостасуваат. Тоа го сфаќам како личен пораз, не знам ни самата зошто. Неуморно верувам во правото и правдата, а така и лично функционирам.

Зошто го сакаш правото, што е тоа што ја одржува оваа љубов?

Затоа што сакам ред, сакам правила и принципи, сакам рокови, сакам добро организиран систем на функционирање, а сето тоа го наоѓам во правото. Во исто време правото е моја мисла која трае долго и која ме предизвикува да се сретнеме, некогаш дури и длабоко во ноќта, баш како вистинска љубов. Правото го сакам затоа што не е егзактна наука и затоа што создава простор за докажување, за надмудрување и за толкување, толкување за кое можеби и не постои конечна завршна точка. Им се воодушевувам на солидно и убаво напишаните коментари на законите, по чие читање навистина нема што да се додаде или да се праша. Според моето мислење, тоа го можат само големите умови.

Што би им порачала на оние што не се правници?

Па, би им кажала дека правото воопшто не е здодевно, напротив многу е забавно и игриво. Пребарувањето низ законските текстови, логиката за спојување на различните, но поврзани материјални и процесни закони и препознавањето на точките на нивно сретнување е вистинска гимнастика за умот. Ние правниците на долго и широко зборуваме и објаснуваме, но не за да бидеме напорни и да го одвлекуваме вниманието од важните моменти, туку затоа што сѐ уште ја разложуваме задачата поставена уште одамна во која 2 + 2 не се 4.


Февруари во Академик