/ Прочитано:

1.256

Изборните нерегуларности видени низ очите на невладините организации и МВР

Понеделник, 8 април 2013 – Семејно гласање, сликање ливчиња, јавно прозивање на гласачите, организирано превезување на гласачи, во општина Центар –  гласачи од Пустец, ваква слика отприлика невладините организации пренесоа за вчерашниот втор изборен круг од локалните избори 2013 година. МВР изборите ги оцени како демократски и мирни. 

Невладинината „Цивил“ како и граѓанската асоцијација „МОСТ“ регистрирале нерегуларности во општините Кочани, Куманово, Тетово, Бутел, Велес, Центар, Битола, Гостивар, Шуто Оризари.

„Во Велес, набљудувачка на Цивил акредитирана од ДИК и со уреден документ од Цивил е спречена да влезе на избирачкото место 2.147. На гласачкото место 2.164 регистриран е обид за фотографирање. Во оваа општина, набљудувачи на невладината Платформа за сиромаштија се отстранети од зградата со полиција, за подоцна да им биде овозможен пристап до гласачките места. Во Карпош, на гласачкото место број 2.593 е регистриран случај на починато лице заведено во избирачкиот список. Истото лице било на списокот и во првиот круг на гласањето, стои во информацијата од Цивил. Во општина Центар, во Капиштец регистрирано е јавно прозивање на гласачите. Во општина Чаир, партиски активисти внатре во избирачките места имаат листи и ги евидентираат гласачи, а има и случаи на гласање со непревиткани ливчиња Се регистрира организирано превезување на гласачи. Забележани се и повеќе случаи на семејно и групно гласање, како и обид за гласање со туѓа лична карта. Вакви случаи се забележани и во селото Чајле, општина Гостивар. Од Тетово доаѓа информација за активисти на одредена партија кои пред ОУ „Кирил и Методиј“ нуделе пари за гласови. Во Ресен и денеска е забележано присуство на возила од Албанија за кои се претпоставува дека носат гласачи. Наша набљудувачка на гласачкото место 1.020 во Куманово беше под притисок на партиски активист на одредена партија да не прибира белешки и изјави од граѓаните“, информира „Цивил“.

Граѓанската асоцијација „МОСТ“ денеска оцени дека гласањето во вториот круг од локалните избори генерално е спроведено во мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности.

„Неписмени лица гласале со придружба, сликање ливчиња, семејно гласање, некористење УВ ламба“, се само некои од неправилностите што ги констатира граѓанската асоцијација МОСТ во вториот изборен круг. Забелешки од нивна страна има за избирачки места во Кочани, Куманово, Тетово, Бутел, Битола, Гостивар и Шуто Оризари. Набљудувачите на МОСТ на дел од избирачките места во општина Центар евидентирале гужва, тензична атмосфера, зголемено присуство на медиуми и полиција.

Дел од медиумите излегоа со видео снимки за гласачи од Пустец во општина Центар. Во текот на вчерашниот ден министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, информираше досега не пристигнале никакви пријави за гласачи од Пустец кои гласале во општина Центар.

Известувачот за Македонија од ЕП, Ричард Ховит ги поздрави успешно завршените локални избори во 2013-та година во Република Македонија, преку својот профил на Твитер и нагласи дека Европскиот парламент ќе ги разгледа сите регистрирани нерегуларности.

Вчера минситерката Гордана Јанкуловска даде оценка за текот на гласање. Според неа, изборниот ден поминал согласно највисоките демократски стандарди.

Според Министерството за внатрешни работи, изборниот ден мина мирно, во фер и демократска атмосфера. Оттаму велат дека најкарактеристичен случај е кршењето на капакот на гласачката кутија што се случи во избирачко место во Струмица, при што одговорното лице е приведено во полициска станица. Против едно лице од Кочани, поднесена е кривична пријава за повреда на слободата на определување на избирачите, а во Струга е приведен албански државјанин поради сомнение дека гласал со македонски документ.

Денеска МВР излезе соопштение во врска со повреда на избирачко право што се случила во општина Центар. Лицето Д.С. на ден 07.04.2013 год. околу 17,30 часот со намера да го оствари своето гласачко право отишол на гласачкото место, но откако влегол на гласачкото место и ја дал личната карта на засега непознато службено лице кое што ги спроведувало изборите, настанала гужва на гласачкото место, по што при таа гужва службеното лице му ја одзело личната карта, ја ставило во џеб и му кажало дека не може да гласа, по што лицето ја напуштило просторијата и отишло во непознат правец.

Потенцијалниот гласач поднел кривична пријава, а настанот го пријавил и во Државната изборна комисија и Општинската изборна комисија „Центар“ каде поднел приговор за попречувањето на неговото избирачко право. Од МВР известуваат дека во тек е расветлување на случајот.