/Прочитано:

1.942

НЕЗАВИСНО СУДСТВО: Право на граѓаните, а не привилегија на судиите

Најголемите притисоци врз судството се од медиумите, сметаат некои од судиите. Во својата долгогодишна кариера, некои од нив, пак, како што велат, најмногу притисоци имале од роднините и пријателите, а најмалку од политиката. Согласни се дека нивната независност не е детерминирана само од правната рамка, туку и од самите нив – образованието, интегритетот, професионалноста и транспарентноста. Како слаба точка во процесот на унапредување на независноста, како и ефикасноста на судството го посочуваат малиот судски буџет. 

„Немешањето и непристрасноста во судството е цел на секое модерно општество. Судскиот совет заштитата на независноста на судската власт од мешање во нивната надлежност ја обезбедува и гарантира преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите“, истакна претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски на тркалезната маса на тема „Улогата на Судскиот совет и највисоките судови во заштита на судиите од мешање во нивната независност“, што денеска се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, на која во најголем број присуствуваа претседатели на судови.

Ушковски како  еден од филтерите за спречувањето на секое влијание врз судиите во врска нивниот избор и унапредувањето ги посочи условите за избор на судија што ги предвидува законот. Тој ги охрабри судиите, доколку се соочени со било каков притсок во нивната работа, тоа да  го пријавуваат во Судскиот совет.

Министерот за правда Аднан Јашари потенцираше дека Судскиот совет има задача да ја штити независноста на судскиот систем и независноста на судиите.

„Во таа насока Судскиот совет е должен да ја брани од секаков надворешен притисок или предрасуди од политичка, идеолошка, културна природа неограничената слобода на судиите да одлучуваат по своите предмети непристрасно во согласност со својата совест и сопствената интерпретација, или пак, толкување на фактите и во согласност со владеење на правото, рече Јашари.

Претседателката на Врховниот суд на Република Македонија Лидија Неделкова забележа дека самиот распоред на говорници на дебатата, според кој пред нејзе се обрати министерот, е рефлексија на актуелната состојба во која се наоѓа судство.

„Редоследот на обраќањето на денешната тркалезна маса е само рефлексија на релната состојба на темата независност на судството. Сметам дека ова е ненамерна постапка но јас го спремив моето поздравно обраќање и секако ќе го прочитам пред вас“, рече Неделкова

Taa во своето обраќање истакна дека во овој момент може да се разговара само за формалните закани врз независноста на судиите кои, како што рече, на некој начин се и определени бидејќи неформалните се понеопределиви и индивидуални, односно субјективни и секој обид за нивно групирање може бил несоодветен.

„Евентуалните формални влијанија би можеле да произлегуваат од поставеноста на целокупната судска власт и особено дефиницијата за носителот на судската власт и меѓусебната зависност. Имајќи ги предвид овластувањата на Судскиот совет во оценувањето на работата на судиите и нивното разрешување како овластувања кои произлегуваат од Уставот и Законот за судски совет, како и дел од овластувањата на Врховниот суд на РМ поврзани со горните активности се поставува прашањето колку и на кој начин овие органи со намера или влез може да се мешаат во независноста на судијата и кои механизми може да го подобрат остварувањето на заштитата на судиите од мешање во нивната независност“, истакна Неделкова.

Неделкова посочи дека Судскиот совет, Врховниот суд и судовите од втор степен со своите постапувања треба да градат општо прифатени стандарди од кои судијата нема да има потреба ниту можност да излезе.

„Овие стандарди се најсилен гарант за неговата независност и одбрана од секаков вид на влијание“, рече таа.

Независноста не се здобива по автоматизам, таа треба да се заслужи

Судијата Влатко Самарџиски, член на Судскиот совет, истакна дека  судската независност е детерминирана од повеќе фактори и дека не е доволна само законската рамка. Независноста на судството, истакна тој, е право на граѓаните, а не привилегија на судиите.

„Независноста на судството и судиите не е привилегија дадена во интерес на судиите, туку во интерес на владеењето на правото, тоа е право на граѓаните“, рече Самарџиски.

Судијата, како што рече Самарџиски, треба да е храбар и да даде отпор доколку се соочува со притисок, но истовремено тоа да го пријави во Судскиот совет.

„Независноста не се здобива по автоматизам, таа треба да се заслужи. Судијата треба да има одговорност спрема општеството. Многу е битно судиите да имаат добро образложени пресуди, така се добива довербата од јавноста“, рече тој.

Тој истовремено укажа дека некои судиите забораваат како треба да се однесуваат во судница, не се обраќаат културно на странките, им викаат и сл,.  за што сведочат тонските снимки од рочиштата.

Само добро обучени судии можат да одолеат на притисоци

Најголемиот дел, односно 60 отсто, од денеска присутните на тркалезната маса, според анкетата која беше спроведена за време на настанот, се задоволни од работата на Судскиот совет, додека речиси 40 отсто се изјаснија како незадоволни.

Според претседателката на Апелациониот суд Битола, Даница Ристева, само добро обучен судија и добар познавач на правото и на материјата која ја работи може да одолее на притисоци.

„Сликата за нас, како судии и судови, ја проектираме самите ние. Нашата работа е транспарентна,  меѓутоа чувството ние што го имаме за себе, не кореспондира со мислењето на јавноста. Сметам дека одговорноста е наша бидејќи не сме се избориле, но и однесувањето на поедици кое не е во согласност со Кодексот ја руши сликата“, рече таа.

Ристева истакна дека јавното мислење го формираат медиумите и дека во контекст на ова многу и пречат генерализации, на сметка на поединци.

„Мораме да се доближиме до медиумите, да најдеме начин како да ја доближиме судската пракса до граѓаните“, рече таа.

Претседателката на битолска Апелација, во својата долгогодишна кариера, како што рече, најмалку се соочила со политички притисоци, а најмногу со притисоци од роднини и пријатели.

Доколку судијата не даде повод, нема да има влијанија

Според новоизбраната претседателка на Вишиот управен суд,  Лидија Ивановска, независноста на судството во голем дел е детерминирано од буџетот. Таа потенцираше дека досега не дозволила било какви влијанија во својата работа како судија.

„Доколку судијата не даде повод, нема да има влијанија“, рече Ивановска.

Судијката Диана Груевска-Илиевска од Одделот за организиран Криминал при Основниот суд Скопје 1 истакна дека најголемиот суд во земјава е независен, но дека во јавноста се немало таков впечаток поради притисокот, како што рече, што го прават медиумите.

„Верувајте дека притисокот од медиумите е најударен и многу смета. Многу е непријатно кога со денови и со месеци која телевизија и да ја уклучите, кој весник и да го отворите да си го читате името“, рече Груевска-Илиевска.

Менталитетот на судиите мора да се менува

Според претседателот на Основниот суд Куманово, Муса Сулејмани, проблем во контекст на медиумското покривање преставува тоа што најголемиот дел од судовите немаат портпароли.

„Ние сами си правиме медиумите да пишуваат лоши работи за нас. Немаме портпароли и тие се обраќаат кај незадоволната странка, која нормално кажува лоши работи. Доколку ние имаме портпароли, верувам дека ситуацијата нема да биде ваква“, рече тој.

Претседателката на Врховниот суд Неделкова реплицираше дека е точно дека нема портпароли во секој суд, но дека од пред неколку години се отворени канцеларии за односи со јавност во рамки на секој суд, каде, како што рече, новинарите можат да се обратат и дека лицата кои се задолжени да кореспондираат со медиумите поминале значајни обуки.

Таа исто така посочи дека од страна на Здружението на судии во план е спроведување на истражување во врска со независноста на судството во земјава врз основа на исксутвата на судиите, како и формирање на советодавно тело во рамките на Здружението, каде судиите можат да се обратат во врска дилеми кои произлегуваат од Кодексот на судиската етика и сл.

Збор во дискусијата зема и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска,  која рече дека за да заживее советодавното тело, мора кај судиите да се менува менталитетот и тие отворено да зборуваат за потешкотиите и дилемите со кои се соочуваат.

Арнаудова истовремено го истакна значењето на Академијата во унапредувањето на судската независност, преку создавање на квалитетни кадри. Во оваа насока таа ги посочи  заострените критериуми за влез во Академијата, развојот на методологија за мерење на ефикасност на обуките – проект на ИПА вреден 2 милиони евра, како и новините – кандидат за судија и двајца судии  да се пратат на подолготрајна обука во Судот за човекови права во Стразбур, итн.

Судијата Селим Адеми, член на Судскиот совет на РМ, укажа дека на ваквите средби мора да има повеќе судии, а не главно претседатели на судови.

„Притисокот може да потекнува и од претседателите. Судиите треба да кажат во кој дел им се врши притисок, зошто тоа се слуша, а конкретно нема ништо. Треба да кажат кој им прави притисок – политиката, бизнис заедницата, позиција, опозиција… треба да се знае конкретно за да можеме и ние како Судски совет да реагираме“, рече Адеми.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Oбјавено: 28.09.2015