/ Прочитано:

1.120

Независноста на правосудството не треба да се доживува како привилегија за судиите, туку за граѓаните

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија, денеска организираше излагање на тема „Независно судство, јакнење на капацитетите за отпор кон влијанија“.

Излагањето беше наменето за членови на Судскиот совет на Република Македонија, за судии на Врховниот суд на Република Македонија,на Вишиот управен суд, на Управниот суд, потоа за судии на апелационите судови и на судовите со проширена надлежност, за претставници на Адвокатска комора на Република Македонија, за судии кои завршиле Академија, како и за слушатели на почетна обука во Академијата.

Со поздравно обраќање настанот го отворија  Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија и Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд на Република Македонија.

Пред присутните свое излагање имаше Алeн Лакабара, судија на Врховниот суд на Република Франција,  член на Судскиот совет на Република Франција и член на Консултативниот совет на европски судии, кој ги пренесе искуствата на Република Франција во градењето независно судство.

„Независноста на правосудството е многу важна за правната држава, и таа не треба да се доживува како привилегија за судијата, туку за граѓаните, кои треба да бидат сигурни дека предметите единствено се судат врз основа на правото. Важно е судиите да имаат дијалог со другите страни, без разлика дали станува збор за политичката структура или за медиумите, со цел да се покаже улогата на судијата и да се истакнат причините поради кои ги носат одлуките“, истакна Лакабара, кој се осврна и на важноста од соработката помеѓу медиумите и судиите.

Говорејќи за односот на судството со другите власти, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, меѓу другото, како обиди за мешање на законодавната власт во судството ги посочи сè почестите законодавни измени што не се проследени со адекватни финансиски импликации.

„Поради недостиг од услови за имплементација на законите, му се кратат силите на судството и се создава перцепција дека тоа не е способно да ги спроведе законите“, истакна Арнаудовска.

Заштитата на независноста на судството, рече претседателот на Врховниот суд на РМ Јово Вангеловски, е обезбедена на највисоко ниво со потпишување многу меѓународни документи, конвенции и декларации, како и со домашните правни акти, почнувајќи од Уставот и останатите законски решенија.

„Законодавната и извршната власт треба да го обезбедуваат и да го почитуваат авторитетот на судската власт и да ги почитуваат одлуките на судовите. Од осамостојувањето на Република Македонија до денес, сведоци сме дека секоја од извршните власти правела обиди да стави рака врз судството. Токму тоа е она што треба да се избегне сега и ние преку своите одлуки треба да покажеме дека сме имуни на политичките притисоци“, нагласи Вангеловски.

Независноста на судиите наспроти разните влијанија, истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, е старо прашање кое се јавува уште во романите на Балзак.

„Реформата  на правосудниот систем е клучна бидејќи претставува најдобро огледало на едно општество. Тековните реформи, кои се посакувани и кои, се надевам, ќе се движат во вистинската насока, ќе бидат усвоени и ќе функционираат затоа што сето ова се прави за да функционираат, а не да останат само на хартија“, резимираше Тимоние, додавајќи дека тоа нема да биде толку едноставно.

M.В