/ Прочитано:

1.696

Никола Додевски: Местото на адвокатурата, клучен играч за владеење на правото

Никола Додевски, Вие бевте 5 и пол години Претседател на Комората во кој период неподелено мислење во фелата е дека се направија многу позитивни чекори и законски измени за враќање на предметот на работата на адвокатите и соодветно наградување на адвокатската работа која што после цели 25 години доби соодветен Тарифник. Каква е положбата на адвокатите?

-Адвокатурата е исклучително важен чинител за вистинско владеење на правото и за заштита на човековите права и во кривични и во граѓански постапки и признавањето, но и јакнењето на ваквата позиција на адвокатите секогаш била и треба да биде приоритет не само за адвокатите туку и за државата во целост затоа што тоа е интерес на вистински и правичен правосуден систем.

Отсекогаш имало тенденција да се минимизира улогата на адвокатите и во постапките и генерално со приодот кон адвокатурата која што многу често се третира како нужно зло, па дури и како непријател на државата. Но тоа не е така и секогаш треба да се има предвид дека секому во некој период може да му затреба помош од адвокат и дури тогаш некои сфаќаат колку бил погрешен пристапот кога адвокатите се маргинализираат или се третираат како декор во судниците.

Што треба да се направи за адвокатурата да ја има вистинската позиција во правосудниот систем и реално да ја остварува уставната дефиниција за адвокатурата?

-Да, секогаш треба да се потсетуваме на тоа дека адвокатурата во член 53 од Уставот е дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, но не само при вакви јавни настапи, туку секојдневно во практичната примена на правото што за жал е многу ретко случај. Очигледен пример за заборавање на адвокатурата е што таа речиси е целосно исклучена од процесот на реформирање на правосудството или пак е само формално присутна, речиси целосно исклучена од процесот на изготвување на законски решенија, иако искуството на илјадници адвокати практичари на правото е неисцрпен ресурс кој треба да се искористи кога се бараат законски решенија соодветни на нашата реалност.

Како живеат адвокатите во овие времиња?

-Адвокатурата е либерална професија во која речиси без лимит набрзо после стекнувањето на основно искуство влегуваат млади правници и тоа е речиси единствената можност за нивно самовработување без да бидат на терет на државниот буџет, туку напротив да придонесуваат. Тоа се гледа и од константното зголемување на бројката на адвокатите која е близу 4.000.

Мора да се потенцира дека законските решенија предвиделе одредени олеснувања за адвокатите почетници, но во повеќе сегменти адвокатурата е пооптоварена од споредбените професии. Па така, адвокатите се обврзници на данок на додадена вредност за разлика на пример од нотарите кои од постоењето на нотаријатот не се обврзници на данок на додадена вредност, а нема суштинска разлика во интелектуалната работа која што овие две професии ја вршат гледано од даночен аспект. Уште повеќе со важечкиот Закон за услуги адвокатурата е усклучена и дејноста на адвокатите претставува давање правна помош а не услуга во смисол на стопански дејности и адвокатурата не претставува стопанска дејност. Сметам дека треба засилен ангажман за исклучување на адвокатите од плаќање на ДДВ при ваква јасна позиција за поставеноста на адвокатурата и во Уставот и во законот.

Воедно, изедначување на даночниот третман во рамките на самата професија во која што различно се оданочуваат адвокатите поединци и адвокатските друштва. Вршењето на адвокатурата е идентична работа како што е дефинирана во Уставот – обезбедување правна помош, а начинот на организацијата на работењето на адвокатите при обезбедувањето на правната помош не може да ги прави адвокатите меѓу себе нееднакви, па во тој смисол на адвокатските друштва да им се наметнува плаќање на додатен данок на добивка.

Исклучително важна идна активност  и потреба е дигитализација на сите аскпекти во работење на адвокатите почнувајќи од интерната организација и комуникација во адвокатурата и натаму комуникацијата со сите органи меѓу кои како најважни ги посочувам судовите и тоа во два правци, и адвокатите кон судот и судот кон адвокатите.

Се менува Законот за адвокатура. Што треба да се менува?

-Законот за адвокатурата е дополнителна разработка на уставна позиција на адвокатурата и стварање основа за конкретниот третман на адвокатите во правосудниот систем, основа за даночниот третман и во тој правец треба во Законот да се конкретизираат сите аспекти на кои што навистина во практика ќе се реализира независноста и самостојноста на адвокатурата и со тоа да се елиминира можноста да се занемарува улогата на адвокатите во правото. Затоа во овој Закон е потребно да се дефинира еднаквоста на сите форми на организација на вршење на адвокатската дејност која ја врши само адвокат како поедеинец без оглед дали работи како друштво или како самостоен адвокат, секако и од аспект на третман во постапките и од аспект на еднаков даночен третман.

Потребно е и да се прошири формата на организирање на работењето на адвокатите со цел да се олесни и унапреди давањето на правната помош. Таков нов вид којшто не е застапен кај нас е на пример здружена адвокатска канцеларија во која неколку адвокати ќе се здружат заради поделба на трошоците за работењето, искористување на заеднички вработени и меѓусебно надополнување во работата. Нова форма на организација претставуваат и таканаречените “boutique” адвокатски друштва со помалку вработени, а исклучително висок квалитет и специјалност на давањето правна помош. Ова се форми коишто долг период успешно функционираат во светот и зошто да не се прифатат тие искуства.

Во македонската јавност многу малку познато е дека Вие повеќе години наназад сте на листата на бранители на Постојниот кривичен суд во Хаг за меѓународни воени злосторства (International Criminal Court) и на листата на бранители на Специјалниот суд за Косово во Хаг (Kosovo Specialist Chambers). Каков е третманот на адвокатите во тие судови?

-Во овие судови на Листата на бранители влегуваат адвокати кои ги одбира самиот суд според искуството во кривичното работење и покажаните практични резултати, а критериумите за избор ги наметнува самиот суд. Тоа е така бидјеќи се работи за комплексна кривична материја за која е неопходно висока професионалност и богато искуство од кривично-правната материја. Секако дека е големо признание да се биде на листа на бранители на овие судови, но мојот пристап од секогаш во професијата бил дека рекламирањето на адвокатите не е споиво со суштината на вршењето на адвокатурата како заштитник на човековите права.

Во Специјалниот суд за Косово неколку години наназад сте и Претседател на Независното тело кое ги претставува адвокатите. Дали и во Адвокатската комора повторно би преземале ангажман, на пример како член на Управниот одбор и дали ќе присуствувате на изборното Собрание закажано за 11 Јуни во хотел Изгрев, Струга?

-Да, во Специјалниот суд ми е укажана честа да бидам Претседател на Независносто претставничко тело на адвокатите кое всушност е пандан на Адвокатска комора во рамките на тој суд.

Во Македонската адвокатска комора секогаш сум бил активен и секако дека ќе присуствувам на изборното Собрание закажано за 11.06.2022 и дека би сакал да допринесам и со членство во раководното тело на Комората, а сметам дека таков пристап треба да имаат сите искусни адвокати бидејќи градењето на угледот на адвокатурата во многу зависи од придонесот на адвокатите коишто се долг период во адвокатурата и коишто оставиле свој печат во адвокатурата.

Но, би искористил прилика и да повикам на зголемена активност на адвокатите во сите активности на Адвокатската комора, но и во учество во стручни анализи и настапи особено при донесување на закони но и во иницирање на законски измени. Во тој смисол и на изборното Собрание закажано за 11.06.2022 година апелирам да сите избрани делегати присуствуваат бидејќи со тоа ќе покажат сериозен пристап кон адвокатурата, а се разбира дека собранијата на Комората се јавни и само може да биде корисно учество на што е можно поголем број на адвокати.

Би завршил со тоа дека Адвокатска комора се всушност сите адвокати во Македонија и дека раководните тела на Комората треба да бидат составени од најискусните и најдобрите адвокати кои се должни да одвојат време за перспективниот развој на адвокатурата која што мора да го унапредува своето место во Република Македонија.

 

Текстот е преземен без интервенции од порталот Денар.мк (види интервју со Никола Додевски)