/Прочитано:

1.047

Никола Груевски на распит во Кривичниот суд за предметот „ТНТ“

Груевски е повикан во судот по предлог на Специјалното јавно обвинителство кое ја прошири истрагата за предметот „ТНТ“ откако беа поништени аболициите од страна на Претседателот на РМ.

Основен суд Скопје 1

Поранешниот премиер, сега лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во 14 часот по покана на Кривичниот суд се јави на распит пред судија на претходна постапка.

Груевски е повикан во судот по предлог на Специјалното јавно обвинителство кое ја прошири истрагата за предметот „ТНТ“ откако беа поништени аболициите од страна на Претседателот на РМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во предметот за уривањето на комплексот „Космос“ на пратеникот Фијат Цаноски од страна на специјалното јавно обвинителство беше спомнат како нарачател на операцијата.

„ Имено, од прибраниот доказен материјал, произлезе основано сомнение дека во временскиот период од 01.05.2011 година до 17.08.2011 година  во Скопје, тогашниот претседател на Владата на РМ и претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот Министер за транспорт и врски во Владата на РМ, кои со Одлуката бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на претседателот на Република Македонија се помилувани-ослободени од кривично гонење, заеднички, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цановски за неговата политичка одлука кој, како претседател на политичката партија ПЕИ, ја напуштил коалицијата со политичката партијата ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со опозициската политичка партија СДСМ, искористувајќи ја нивната политичка моќ со умисла го поттикнале да стори кривично дело градоначалникот на општина Гази Баба, кандидиран од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и кој, исто така, со Одлуката бр.08-523/1 од 12.04.2016 г. на Претседателот на Република Македонија е помилуван-ослободен од кривично гонење, за да ја искористи својата службена положба и да најде начин незаконски да го сруши станбено-деловниот објект „Космос“, што бил граден од оштетениот-инвеститорот ТД ФИНЕ ДОО Скопје и изведувачот КОСМОС ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, трговски друштва чиј сопственик е оштетениот Фијат Цаноски“, истакна обвинителката Фатиме Фетаи во презентирањето на предметот „ТНТ“.

Груевски во судот се појави со неговиот бранител, адвокатот Никола Додевски, и портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев.

Покрај за Груевски, СЈО за овој предмет бара определување мерки за претпазливост и за поранешниот министер за внатрешни работи, Миле Јанакиески и градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Во предметот, покрај нив, осомничени се и градежната инспекторка во Општина Гази Баба и тројца членови на Комисијата за јавни набавки во општината.