/ Прочитано:

2.450

Никола Ивановски е новиот претседател на Уставниот суд

Новиот претседател, во изјава за Академик, вели дека во претстојниот тригодишен мандат како прв човек на Судот ќе продолжи со својата работа и со остварување на надлежностите на Уставниот суд. Во поглед на критиките на експертската јавност дека Уставниот суд не ја исполнува својата главна цел – заштитата на Уставот, Ивановски вели дека секој има право да го каже своето мислење, но дека тие работат професионално.

Никола Ивановски, претседател на Уставен суд

Уставниот судија Никола Ивановски е новиот претседател на Уставниот суд. На денешната затворена седница уставните судии му дале двотретинска поддршка на колегата Ивановски, кој од 1 ноември, па во наредните три години ќе управува со Уставниот суд.

Како што информираат кусо од Уставниот суд, бидејќи седницата била затворена, не можат да соопштат повеќе детали за тоа дали освен Ивановски судиите номинирале и друг колега за највисоката функција во Судот.

Ивановски доаѓа на местото на Елена Гошева, чиј тригодишен мандат како претседател завршува на 1 ноември.  Ивановски беше избран за уставен судија во јуни 2012 година со деветгодишен мандат.

Новиот претседател, во изјава за Академик, вели дека во претстојниот тригодишен мандат како прв човек на Судот ќе продолжи со својата работа и со остварување на надлежностите на Уставниот суд. Во поглед на критиките на експертската јавност дека Уставниот суд не ја исполнува својата главна цел – заштитата на Уставот, Ивановски вели дека секој има право да го каже своето мислење, но дека тие работат професионално.

Во неговата биографија стои дека дипломирал на Правниот факултет во Битола во 1983 година, а правосудниот испит го положил во 1985 година. Работел прво како приправник, а потоа како стручен соработник во Окружниот стопански суд – Скопје (1984 – 1988); како истражен и извршен судија во Основниот суд Скопје 1 – Скопје (1988 – 1996); вршел самостојна адвокатска дејност во Скопје (1996-1999); работел како кривичен судија во Основниот суд Скопје 1 – Скопје (1999-2008) и во август 2008 година бил избран за член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Според Деловникот на Уставниот суд, член 7:

Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.

Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.