/ Прочитано:

1.521

Ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ го објави Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (август–декември 2020).

Извештајот го потврдува ниското ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните 2 години, како и заклучокот дека постои значителен простор за подобрување, се констатира во документот.

„На скала од 1 – најнизок до 10 – највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието е 5.5, и е пониска во споредба со претходните периоди на набљудување.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 61% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 39%. Најчесто за збор се јавувал и најдолго на пратеничката говорница се задржал Бојан Стојаноски. Меѓу најактивните 10 пратеници се најдоа три пратенички, Гордана Сиљјановска-Давкова, Дафина Стојаноска и Жаклина Лазаревска, една пратеничка повеќе споредено со претходниот период (јули–декември 2020)“, се нотира во извештајот.

Извештајот бележи слично ниво на интеракција и размена на ставови помеѓу учесниците во дискусијата со претходниот период на набљудување (јули–декември 2020). Во набљудувачкиот период се одржа само една седница на пратенички прашања.

Во однос на аргументацијата на дискусиите, генерално се забележува значителен пад во аргументирањето во споредба со минатиот период. Говорниците во 44% од нивните излагања немаа аргументи, додека во 45% слабо аргументираа.

„Еден или повеќе аргументи се забележани во само 11% од дискусијата, за разлика од 29% во претходниот период на набљудување. Процентот на промена на став поради подобри аргументи останува значително низок за да може да се констатира дека пратениците ја демонстрираат можноста за отвореност за исправноста на аргументите на другата страна.

Во 54% од дискусиите, пратениците не се осврнуваат на силата и на квалитетот на аргументите на другите говорници, додека во 37% пратениците останаа на својот став и не ја признаа вредноста на аргументите на колегите од другите политички опции, што е за 27% повисоко од претходниот период (10%)“, се посочува во извештајот.

Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон нивните аргументи. Во 16% од излагањата, пратениците искажале почитување или делумно почитување кон аргументите на пратениците од другата политичка партија, додека непочитување или делумно непочитување кон аргументите искажале во 26% од дискусијата.

Почитување или делумно почитување кон нивната личноста, се истакнува во извештајот, искажале во 32%, додека непочитување или делумно непочитување искажале во 20% од дискусијата. Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи низ сите периоди на набљудување.

Забележано е дека пратениците во над 93% од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзани со нивните права. Слично со претходниот период (јули–декември 2019), ниедна маргинализирана група не е застапена повеќе од 3% во дискусиите.

М.В