Низок степен на транспарентност на буџетскиот процес во општините во Македонија
Во Законот за буџетите, во членот 3 се посочува начелото за транспарентност под што се подразбира достапност на јавноста во сите фази на подготвување и извршување на буџетот. Според ова начело, но и според усогласената добра практика, сите буџетски корисници, вклучувајќи ги и единиците на локалната самоуправа, се обврзани да бидат транспарентни наспроти јавноста во буџетскиот процес. Сепак, мониторингот извршен во општините укажува дека сите општини не се придржуваат до ова начело или пак делумно се придржуваат со тоа што се транспарентни за само одредени фази на процесот.
Степенот на транспарентност на буџетскиот процес во единиците на локалната самоуправа беше предмет на истражување на повеќе невладини организации во изминатиов период. На денешната завршна конференција во рамки на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“, на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ беше нагласено дека анализите од истражувањата покажуваат дека транспарентноста и отчетноста на локалната власт се на ниско ниво, а исто така на многу ниско ниво е и можноста граѓаните да учествуваат во носењето одлуки кои се од витално значење за локалната заедница во која живеат.
Марко Панковски од Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје истакна дека во рамки на нивниот проект насловен „Ставка 463: Каде и како се трошат средствата за невладините организации“, било истражувано како општините ги доделуваат парите во ставката 463.
„Општините имаат тенденција да ги ‘пумпаат’ буџетите, но имаат сериозни проблеми при нивната реализација. На ниво на Град Скопје, 37 проценти од средствата остануваат неискористени. Во 7 од 11 единици на локалната самоуправа под Град Скопје, спортот е главен приоритет. Околу 48 проценти од проектите се во рамки на спортот, а тие средства опфаќаат над 90 проценти од достапните средства на ниво на Град Скопје“, изјави Панковски.
Во однос на планирањето на средствата и вклученоста на граѓанските асоцијации, во студијата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ е нагласено дека постојат значителни разлики во различни општини. Покрај тоа што постојат разлики во однос на процесот на буџетското планирање на генерално ниво, Панковски вели дека нивните наоди покажуваат дека постојат и различни нивоа на инволвираност на општините во делот на непосредното програмирање на средствата наменети за здруженијата на граѓани.
Што се однесува до транспарентноста, Панковски рече дека во Законот за буџетите, во членот 3 се посочува начелото за транспарентност под што се подразбира достапност на јавноста во сите фази на подготвување и извршување на буџетот. Според ова начело, но и според усогласената добра практика, сите буџетски корисници, вклучувајќи ги и единиците на локалната самоуправа, се обврзани да бидат транспарентни наспроти јавноста во буџетскиот процес.
„Сепак, мониторингот извршен во општините кои беа опфатени со проектот укажува дека сите општини не се придржуваат до ова начело или пак делумно се придржуваат со тоа што се транспарентни за само одредени фази на процесот. Токму затоа нашите препораки за зголемена транспарентност на општините се навремено да ги објавуваат буџетските документи на официјалните веб-страници. Во случаите каде што буџетските документи се објавени само како дел од општинските гласници, тие да се одвојат како посебни документи за да бидат подостапни за заинтересираните страни“, истакна Панковски.
Ана Марија Петровска од Центарот за економски анализи изјави дека во рамки на истражувањето е изработен посебен индекс за буџетска транспарентност на општините во цела Македонија.
„Општините генерално даваат напори за редовно и навремено објавување и информирање на граѓаните за буџетските документи, но сепак тие не се доволни. Според индексот буџетската транспарентност на општините е секаде подобрена, освен во Вардарскиот Регион“, изјави Петровска.
Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации рече дека општините за 2016 година планирале исплати во висина од 5,5 милиони евра, а исплатиле 4,4 милиони.
„Со највисоки исплати се скопските општини Карпош и Центар со околу 26 милиони денари, од кои Карпош 20 дала на еден, а Центар 22 на друг кошаркарски клуб. По области, 67 проценти од средствата се исплатени на спортски професионални клубови, додека 64 проценти од општините ги исплатиле средствата без да објават јавен повик“, изјави Митевски.
На денешниот настан, програмскиот директор на „Метаморфозис“ Филип Стојановски рече дека проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“ имал за цел да овозможи поддршка за граѓанските организации кои работат на отчетност и транспарентност и да помогнат во градење на јавното мислење и поттикнување на граѓанското учество во процесите на носење одлуки.
А. Б.