„Но пасаран“ ја поздрави пресудата на ЕСЧП за парното греење
Од здружението „Но пасаран“ денеска ја поздравија пресудата на ЕСЧП во врска со парното греење и ги повикаа граѓаните кои се наоѓаат во слична ситуација да се борат за своите права.
„Ги охрабрувам сите граѓани да ни се придружат и ќе им помогнеме максимално да си дојдат до своите пари. Најавуваме дека од наредниот петок од 11:00 часот нема да се собираме пред РКЕ, туку пред Основниот суд 2 и пред Апелација. Таму нека дојдат сите загрозени лица и ќе им помогнеме во сите процеси“, истакна претседателот на здружението, Маријан Ненов, кој нагласи и дека вината треба да се бара и во Регулаторната комисија за енергетика бидејќи наместо да го регулира бизнисот со енергетика, се свртела против граѓаните.
Од Комисијата, пак, истакнаа дека во април и во јули 2019 година Регулаторната комисија ги допрецизирала новите правила за снабдување со топлинска енергија. Со тие правила, велат од РКЕ, исклучените потрошувачи немаат веќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок и тоа е нотирано во одлуката на Стразбур.
М.В