/ Прочитано:

1.563

Нотарската комора на РМ формално претставена како член набљудувач во Советот на нотаријати на ЕУ

Делегација од Нотарската комора на Република Македонија, составена од претседателот Васил Кузманоски, нотар од Охрид и м-р Анастазија Анастасовска, стручен соработник, беше на работна посета во Брисел, Белгија, а по повод Генералното собрание на Советот на нотаријатите на Европската Унија (CNUE) одржано на 1 декември 2017 година, каде што НКРМ беше и формално претставена како член набљудувач.

„За време на посетата делегацијата на НКРМ оствари средба со в. д. амбасадорот Влатко Станковски во Мисијата на Република Македонија во ЕУ. Претседателот Кузманоски го запозна в. д. амбасадорот Станковски со процесот низ кој помина НКРМ за да стане дел од Советот (CNUE), а беше дискутирана и улогата на нотарите во правниот промет. Приемот на НКРМ во Советот на нотаријатите на ЕУ (CNUE) од страна на Мисијата на РМ во ЕУ се оценува како особено позитивна посебно заради размената на искуства со нотаријатите во Европа, кое е особено значајно и потребно доколку се земе предвид важноста на поглавјето 3.23 Правосудство и фундаментална правда“, информираат од Нотарската комора.

За време на посетата, посочуваат од Нотарската комора, делегацијата на НКРМ присуствуваше и на прославата по повод 20 години од отворањето на канцелариите на Австриската комора на нотари во Брисел.

„Обраќање покрај претседателот на Австриската комора г. Лудвиг Биттнер, имаше и амбасадорот Николаус Маршик, од Постојаната мисија на Австрија во ЕУ, како и Сала Састамоинен, директор за цивилна и комерцијална правда, ГД Правда во Европската комисија. Со орден на честа од страна на Австриската комора беше одликувана г-ѓа Евелин Регнер, член на Европскиот парламент на Австрија, која во своето обраќање ја истакна улогата што ја заземаат нотарите во општеството. Таа посочи дека нотарите со својата непристрасност се темел на правдата и правната сигурност, а во Европа оваа сигурност ни е и повеќе од потребна“, истакнуваат од Нотарската комора.

На Генералното собрание на Советот на нотаријатите на ЕУ, претседателот на Советот, Гарсија-Колантес, пред претставниците на нотаријатите на 22 земји членки на ЕУ ја поздрави делегацијата на НКРМ, која за овој настан беше придружувана од претставник на Мисијата на РМ во ЕУ, г-ѓа Александра Вуковиќ, втор секретар, и во обраќањето го истакна своето задоволство и ѝ посака топло добредојде на НКРМ во европското семејство.

„Претседателот Кузманоски пред аудиториумот се заблагодари за дадената поддршка, доверба и едногласно донесената одлука НКРМ да биде прифатена како член набљудувач. Членството во Советот на нотаријатите на ЕУ е позитивен знак како за НКРМ така и за Република Македонија која чекори напред кон влез во ЕУ.  Во своето обраќање претседателот Кузманоски ја истакна сериозноста на ситуацијата предизвикана во правниот промет на Република Македонија со Законот за нотаријатот од 2016 година, но и ја поздрави одлуката на Владата на РМ и Министерството за правда за отпочнување на процесот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот кој во моментов е актуелен. Преку Советот на нотаријатите на ЕУ се отвора можност за доближување на нашиот нотаријат што е можно поблиску до европскиот, а тоа значи и можност за надградување и проширување на видиците и за дополнување на знаењето преку размена на искуства“, велат од Нотарската комора.