/ Прочитано:

1.805

Нотарската комора со донации за Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово и Центарот за деца со церебрална парализа во Скопје

Хуманоста и споделувањето се неизоставен дел од празничната традиција која Нотарската комора на Република Северна Македонија ја практикува низ годините. Оваа година, известуваат од Нотарската комора, ја посветивме на Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово и Центарот за деца со церебрална парализа во Скопје.

„На 24 декември во посета на Центарот за деца со посебни потреби во Тетово беше потпретседателот на Нотарската комора на РСМ нотар Наџи Зеќири, и членот на Комисијата за вршење надзор над примената на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам при Нотарската комора, нотар Тодор Бошковски,  кои ја доставија донацијата од новогодишни пакетчиња, едукативни табли и играчки за децата со посебни потреби. На 27 декември во Дневниот центар за деца со посебни потреби ќе биде организирана приредба на која во знак на благодарност за донацијата ќе ѝ биде доделена благодарница на Нотарската комора на РСМ.

На ден 26 декември во посета на Центарот за деца со церебрална парализа во Скопје беше потпретседателот на Нотарската комора на РМ нотар Олга Димовска и членот на Управниот одбор нотар Анита Адамческа, кои во присуство на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на дечињата кои престојуваат во Центарот им поделија новогодишни пакетчиња.

Управниот одбор на Нотарската комора на Република Северна Македонија на 13.12.2019 година донесе одлука за доделување финансиска помош на настраданите во земјотресот кој се случи на 26 ноември 2019 година во Драч, Албанија. Во донацијата на повик на Нотарската комора се вклучија голем број од нотарите од Република Северна Македонија со свои финансиски парични средства на доброволна основа. Вкупно собраните парични средства  во износ од 213.500,00 денари се уплатени во Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Северна Македонија и заедно со другите собрани средства ќе бидат префрлени на Црвениот крст во Албанија со цел санирање на последиците од разорниот земјотрес.

Хуманоста и солидарноста немаат граници, а подадената рака е секогаш добредојдена онаму каде што е потребно.

Нотарска комора на Република Северна Македонија и во иднина, како и досега ќе продолжи со хуманитарни акции и со донации во текот на целата година“, велат од Комората.

М.В