/ Прочитано:

3.369

НОТАРСКИ ДЕНОВИ: Промовиран регистарот на тестаменти на Нотарската комора

Во согласност со законската обврска за редовно стручно усовршување и едукација на нотарите, на 19 и 20 октомври 2019 година, во хотелот „Изгрев“, Струга се одржаа редовните есенски Нотарски денови во организација на Нотарската комора на Република Северна Македонија, информираат од Комората.

Покрај задолжителното присуство на сите нотари и дел од вработените во нотарски канцеларии, овие Нотарски денови беа збогатени со присуството на државниот секретар во Министерство за правда,  Фатон Сељами, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Илир Сулејмани, и заменик-претседателот, Наталија Донева, судиите на Основниот граѓански суд Скопје: Ирена Костадинова-Ангелова, Љубица Колиќ и Софија Спасова-Медарска, судијата на Основниот суд Велес, Александар Шопов, професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Скопје: проф. д-р Никола Тупанчески и проф. д-р Ангел Ристов, извршителот Владе Милевски, член на Управниот одбор, претседателот на Комората на медијатори, Славе Младеновски, и медијаторите Милева Младеновска, Билјана Азеска-Толеска и Дејан Белевски, претставникот од Агенцијата за катастар на недвижности, Татјана Ценова Митревска, членот на Комисијата за полагање на нотарски испит – Златко Николовски, нотар во пензија и надворешните соработници на Комората – судиите во пензија Ранко Максимовски, Фиданчо Стоев и Зулфиќар Сејфулаи, нотар во пензија.

Нотарските денови ги отвори претседателот на Нотарската комора, Васил Кузманоски, упатувајќи поздрав до излагачите и гостите, и по краткиот осврт кон темите, го промовираше Регистарот на тестаменти, кој Нотарската комора започна да го води во електронска форма од 1 јули 2019 година, и даде кратка информација за неговото воведување и значење. Во своето обраќање истакна дека законската основа за овој регистар е дадена во Законот за нотаријатот од 2016 година, а содржината, формата и начинот на упис се уредени со Правилникот донесен од министерот за правда. Нагласи дека со воведувањето на оваа новина, Република Северна Македонија се приклучи во редот на европските земји кои веќе години наназад го имаат овој битен регистар.

Во неговото обраќање посебно беше нагласено следното:

„Во споредбеното право постојат законодавства кои го уредуваат регистарот на тестаментите како систем што овозможува наследниците и надлежните органи да бидат запознаени дали оставителот имал оставено тестамент и каде се наоѓа тој. Тенденцијата за воведување регистар на тестаментите е присутна и во рамките на Европската Унија како дел од процесот на хармонизација на наследното право. Во таа насока, Европската комисија смета дека е потребно да се овозможи регистрирање на тестаментите во сите држави членки со цел да се олесни нивното барање и да се избегнат можните злоупотреби, особено во случај кога тестаментите се направени во друга држава. Регистарот на тестаментите е една од позначајните новини кои беа воведени со реформите на наследните права на државите од регионот и која дефинитивно се воведе и во Република Северна Македонија.“

По обраќањето на претседателот на Нотарската комора, од името на министерката за правда, Рената Дескоска, пред присутните со поздравен говор се обрати Фатон Сељами, државен секретар во Министерството за правда, кој ги нагласи значењето и потребата од оргaнизирањето на едукација на нотарите од ваков вид како што се Нотарските денови.

Со поздравен говор пред присутните се обрати и претседателот на Комората на медијатори на Република Северна Македонија, Славе Младеновски.

Нотарските денови продолжија со излагањата во рамките на предвидената програма, при што акцентот беше ставен на теми во врска со оставинската постапка, која нотарите ја вршат како работа доверена од судот, но и на други теми кои се од интерес за нотарското работење.

Првата тема „Отворени прашања и дилеми во врска со нотарските исправи со извршна клаузула, ништовност на нотарски акти и укинување на потврда на извршност“ ja изложи судијата Александар Шопов, кој се осврна на утврдувањето ништовност на нотарска исправа, поништувањето на нотарска исправа и укинувањето на потврдата на извршност на нотарска исправа.

Со донесувањето на Законот за нотаријатот од 2007 година и Законот за вонпарнична постапка од јануари 2008 година се создаде правен основ и законска можност нотарите, како повереници на судовите, да ја водат и расправаат оставината според правилата на тој закон. Единствена цел на оваа новина беше растоварување на судовите, односно намалување на бројот на предмети кои не се спорни, која денес доследно се применува во пракса. Сублимирано по 10 години постапување, улогата на нотарот во наследното право во нашиот правен систем се покажа и се докажа како доста значајна и се оправда реформата да им се довери оваа надлежност на нотарите. Но, и покрај совладаната материја, сепак во секојдневното работење се појавуваат одредени дилеми во постапувањето, кои заслужуваат да бидат обработени и презентирани, посебно ако во тоа се вклучени професори како најдобри познавачи на теоријата и судии како најдобри познавачи на практиката.

Втората тема „Реформи во наследното право и посебен осврт на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште “ беше изложена од страна на проф. д-р Ангел Ристов, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје.

Во своето излагање тој се осврна на реформите што треба да се направат во наследното право, преку следење на европските стандарди, како и на новите овластувања и надлежности кои нотарите треба да ги добијат како резултат на тие реформи. Исто така, од теоретска гледна точка, професорот  посебен осврт даде и на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште.

Третата тема „Судска практика и проблеми во оставинската постапка со посебен осврт на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште“ беше изложена од страна на судијката Ирена Костадинова-Ангелова од Основниот граѓански суд Скопје.

Во нејзиното излагање од практична гледна точка беше изложена судската практика кога станува збор за наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско земјиште, прашања кои не се доволно обработени и застапени во досегашно нотарско постапување.

Вториот ден од Нотарските денови беше посветен на разгледување на прашањата и дилемите во нотарското постапување од страна на Стручниот совет на Нотарската комора.

Како и претходните, така и овие Нотарски денови се покажаа како најдобро избран механизам за стручно усовршување и надградување на нотаријатот во Македонија.

М.В