/ Прочитано:

909

Нов електронски систем на УЈП за евалуација на ризик

Управата за јавни приходи го пушти во употреба новиот електронски систем за евалуација на ризик. Системот овозможува електронско одредување на вршење на контрола кај ризични даночните обврзници.

Критериумите за ризик се всушност софтверски имплементирани правила врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници за контрола. Овие правила се сет на математички и логички алгоритми кои вршат споредба и спарување на расположливите податоци од базата на податоци на Управата за јавни приходи, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства кои се адаптирани на македонскиот даночен систем.

Со овој софтвер, образложуваат од УЈП, се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола, при што значително се намалува човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола.

Во досегашната практика Управата за јавни приходи користеше полуавтоматизирани процеси и софтвер за вршење на анализа на ризик, а со новиот софтвер се овозможува речиси целосна автоматизација на овие процеси. Со оваа автоматизација на процесите се очекува зголемување на ефикасноста на надворешните контроли од причина што селекцијата на даночни обврзници ќе се базира на софтверот за анализа на ризик, односно предмет на надворешната контрола ќе бидат само оние даночни обврзници кои ќе бидат утврдени како ризични. На овој начин ресурсите на Управата за јавни приходи ќе се користат многу поефикасно, односно ќе бидат сразмерно и соодветно насочени спрема утврдениот ризик.

„Дополнителна придобивка од користење на овој софтвер ќе имаат даночните обврзници бидејќи ќе се намалат неефикасните контроли, односно даночните обврзници многу помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на Управата за јавни приходи. Ваков софтвер се користи од страна на речиси сите модерни даночни администрации и тој претставува основна алатка на функцијата ‘анализа на ризик’. Во однос на регионот, најголем дел од земјите од регионот или веќе користат ваков софтвер или се во фаза на негово развивање“, велат од УЈП.

Овој софтверски систем е донација на Агенцијата за развој од Австрија и на австриската фирма „Ведо ИТ солушн“. За УЈП не произлегуваат обврски кон донаторот, а софтверот може да се користи исклучиво за потребите на УЈП. Според процената на донаторот, вредноста на донацијата изнесува 360 илјади евра.

Ефективноста на овој софтвер многу ќе зависи и од негово навремено и континуирано ажурирање со измените во законските и подзаконските прописи и промените во економската состојба во стопанството.

Во тој контекст флексибилноста е една од најзначајните карактеристики на овој софтвер, односно можноста за понатамошно унапредување и развивање на функциите и можностите на овој софтвер.

По пуштањето во употреба ќе следува и негово тестирање во реални случаи, односно ќе се користи за селекција на даночни обврзници за контрола, а од 01 јануари 2019 година софтверот ќе влезе во редовна употреба, како основен, но не и единствен механизам за селекција на даночните обврзници за контрола.

„Новиот софтвер за ризик претставува моќна алатка со која значително ќе се унапреди функцијата надворешна контрола, што е чекор напред во остварување на стратешките реформски приоритети на Управата за јавни приходи, односно создавање на модерна и развиена даночна администрација со фокус на доброволната усогласеност кон даночните обврзници“, вели  директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

М.В