/ Прочитано:

1.126

Нов Нацрт-закон за медиуми ќе биде објавен до крајот на денот

Среда, 5 јуни 2013 – Уште еден Нацрт-закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги со вградени забелешки до крајот на денот ќе биде објавен на Единствениот национален електронскиот регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР, соопшти денеска министерот за информатичко општество Иво Ивановски, на јавната дебата за законот. Не прецизираше колку ќе трае оваа фаза од јавната расправа и кога текстот на законот ќе биде доставен до Собранието.  

До Министерството за информатичко општество и администрација и на ener.gov.mk пристигнале 380 коментари за 117 члена од вкупно 171 член на Нацртот. За 54 члена немало воопшто забелешки, што значи дека имаме коментари за повеќе од две третини од текстот на законот. Најголем број коментари има за општите начела на законот односно 114 и се барало појаснување на термините и членот 4. Второ најкоментирано е поглавјето 4, што се однесува на обезбедувањето на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со вкупно пристигнати 96 коментари, а третото поглавје со 61 коментар е за надлежниот орган за овој закон. Ивановски напомена дека статистиката не ги содржи коментарите на Советот на Европа и на ОБСЕ и покрај тоа што нивните анализи, како што посочи, детално биле рагледувани и ќе подлежат на разгледување и во понатамошните денови.

На дебата каде имаше претставниц на ите засегнати страни, министерот Ивановски соопшти дека најмногу забелешки пристигнале за членот 4 во Нацрт-текстот што ја третира слободата на изразување. Имајќи ги предвид забелешките, како што информираше, овој член во новата верзија на законот ќе гласи:

„Се гарантира слободата на изразување и слободата на медиуми. Слободата на медиуми особено слободата на изразување на мислење, независноста на медиумите, слобода на прибирање, истражување, објавување, избор и пренесување на информации во насока на информирање на јавноста, плурализам, и разновидност на медиумите, слобода на проток на информации, отвореност на медиумите за различни мислења, уверувања и разновидни содржини, достапност до информации од јавен карактер, почитување на човековата индивидуалност, приватност и достоинство, слобода за основање на правни лица за вршење на дејност за јавно информирање, печатење и дистрибуција на печатените и други медиуми од земјата и странство, производство и емитување на аудио, аудиовизуелни програми, како и други електронски медиуми, самостојност на уредникот, новинарот, авторот или креаторите на содржини и програмски соработници и други лица, а во согласност со правилата на професијата. Слободата на медиумите може да биде ограничена само во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право“.

Во препораките ОБСЕ, според министерот, смета дека треба да се избрише, додека Советот на Европа срдечно го поздравува воведувањето на овој член.

Правата на новинарите е посебен сегмент каде што добивме спротиставени ставови во членовите за уредници и новинари, истакна Ивановски. Различни ставови имале еснафските здруженија на новинарите, а слично пресликано, како што рече Иваовски, е и во забелешките на институциите од ЕУ. -Советот на Европа тврди дека овие одредби ќа ја зајакнат позицијата на новинарите и нивната независност, како и дека истите ќе придонесат за плуралистички и разнолични јавни дебати, додека ОБСЕ и во овие членови каде што е заштитено правото новинариот да го изнесе својот став, правото на новинарот да изврши задача кога тоа е против етичките правила на новинарство, како и заштитата на угледот на авторот препорачуваат да се избришат, изјави министерот.

Во однос на бројните забелешки за трансформацијата на Советот за радиодифузија во Агенција за медиуми, Ивановски рече дека е прифатена забелешката и на предлог на Советот на Европа се намалува мандатот на претседателот од девет на седум години. Но, остануваат на предлогот по три члена на Агенцијата да предлага Собранието и ЗЕЛС и еден мнозинското здружение на новинари. Ивановски посочи примери на именување и избирање на членови од страна на триесет европски земји и истакна дека избраниот начин во Нацрт-текстот е во согласност со европските стандарди.

Прифатени се и забелешките да се појаснат членовите за печатените и електронските, а според новиот предлог правните или физички лица кои ќе издаваат печат или електронска публикација ќе ја регистрираат дејноста во Централниот регистар.

„Ова не се однесува на блогови, форуми, забавни портали, на приватни веб страници, социјални мрежи или пребарувачи. Се однесува исклучиво на електронски публикации кои што, според дефиницијата, имаат уредништво и работат на вести и новини“, изјави министерот.