/ Прочитано:

805

Нов Предлог-закон за лобирање со европско знаменце

Предлог-законот за лобирање, чиј предлагач е Владата, е во собраниска процедура со европско знаменце. Со овој закон се уредуваат условите за стекнување статус на лобист и лоби организација, регистрирањето на лобистите и лоби организациите, обврските на лобистите и лоби организациите и обврските на лицата и органите кај кои се лобира, со цел транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики, односно програми, закони, подзаконски или други општи акти. Законот се однесува и на лобирањето кај органите на законодавната власт, извршната власт и органите на единиците на локалната самоуправа.

Предложениот закон содржи одредби со кои лобирањето се регулира ориентирано кон принципите на отвореност, транспарентност, чесност, интегритет и заштита на угледот на институциите и лицата кај кои се лобира. Предвидени се балансирани обврски во обезбедувањето на информациите кои се објавуваат за лобирањето и проактивност на институциите во објавување на податоци заради зголемување на транспарентноста во однос на лицата кои би можеле да влијаат врз процесите на подготвување, донесување и изменување на јавни политики, односно програми, закони, подзаконски или други општи акти, со цел да се превенира прикриеното лобирање.

Лобирањето вон законската рамка претставува ризик за корупција.

  • Идентификувани се и слабости во текстот на постојниот Закон кои укажуваат на потребата за:
  • концизно дефинирање на поимот лобист, но и на лицата што не можат да бидат лобисти;
  • јасна дистинкција меѓу активностите што се сметаат и оние што не се сметаат за лобирање;
  • утврдување на опфатот на физички и правни лица што (со или без надоместок) би извршувале активности на лобирање;
  • доразработка и поедноставување на процедурата за регистрирање и бришење од Регистарот на лобисти;
  • уредување на постапката за вршење ефективен надзор над работата на лобистите.

„Една од препораките на ГРЕКО од четвртиот круг на евалуација  е да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и трети лица што настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.

Во рамки на петтиот круг на евалуација, ГРЕКО препорача да се воведат правила со кои ќе се регулираат i) интеракциите на лицата што вршат највисоки извршни функции со лобисти и трети страни кои сакаат да влијаат врз процесот на донесување одлуки и ii) редовно објавување на таквите контакти, вклучувајќи го и предметот на дискусија и идентитетот на лицата кои учествуваат и/или биле застапени на таквите состаноци.

Имајќи ги предвид постојната состојба, добиените препораки, а особено имајќи ги предвид Европската конвенција за човекови права, членот 10 (Правото на пристап до информации) и препораката CM/Rec(2017)2 усвоена од Комитетот на министри на Совет на Европа на 22 март 2017 година, се предлага донесување на нов Закон за лобирање. На тој начин се останува на определбата за директна регулација на лобирањето, и тоа со закон кој поставува рамка која промовира транспарентно лобирање и учеството на засегнатите страни во донесувањето информирани одлуки од јавен интерес, без притоа да се загрози остварувањето на граѓанските и политичките слободи и права загарантирани со Уставот и утврдени со закон“, се посочува во законското образложение.

M.В