/ Прочитано:

3.019

Нов претседател на Уставниот суд е Сали Мурати

Нов претседател на Уставниот суд е Сали Мурати. Мурати доаѓа на местото на досегашниот претседател Никола Ивановски.

„Уставниот суд на Република Северна Македонија врз основа на член 109 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 7 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на 29 и 30 октомври 2019 година, го избра судијата Сали Мурати за претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија, сметано од 1 ноември 2019 година“, соопштуваат од Уставниот суд.

Сали Мурати е роден на 11 октомври 1966 во с. Врапчиште, Гостивар. По националност е припадник на турската заедница во Република Македонија. Дипломирал на Правниот факултет при Белградскиот универзитет во 1991 година, а правосудниот испит го положил во 2005 година.

Од 1993 до 2005 година работел во Бирото за правни и економски услуги – Гостивар како дипломиран правник. Од 2005 до 2012 година работел како адвокат во Гостивар.

„Од дипломирањето до сега активно се занимавал со правната проблематика од областа на уставното право, правата на заедниците, слобода на мисла и вероисповед и меѓународно приватно право. Има објавено многубројни статии од правна проблематика во разни весници во државата и надвор од неа. Учествувал во над 15 меѓународни конференции со правна содржина во разни земји во странство. Особено работел на проблемите на немнозинските заедници во Р Македонија. Во тој контекст има објавено бројни статии и учествувал на бројни програми на МТВ-2 и на Македонското радио со правна тематика и актуелните правни проблеми во земјата. Во тој контекст, во 2006 година бил добитник на престижната медиумска награда личност на годината – ‘Кутлук вели’, и во 2007 година од Здружението ‘АДЕКСАМ’ Гостивар за работата и придонесот во правната област во РМ бил добитник на награда за особен придонес на интеграција и развој на правата на Турците во Р Македонија“, се наведува во биографијата на Мурати.

Претседателот на Уставниот суд го претставува Уставниот суд; ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд; се грижи за спроведување на Деловникот на Уставниот суд и врши и други работи определени со овој деловник.

Во случај на отсутност или спреченост претседателот го заменува судија според распоредот утврден од Уставниот суд по азбучниот ред на презимето на судиите.

М.В