/ Прочитано:

2.873

Нов судски процес за убиството во село Ореше

Недела, 1 декември 2013 – Веројатно ќе следи судски процес и за оние кои го присилиле сведокот Златко Арсовски „Бреза“ во случајот „Ореше“, лажно да сведочи и обвинува, пишува „Утрински“. 

По судскиот процес кој се водеше за убиството во велешкото село Ореше, но и оној во кој како обвинети се најдоа судиите и јавниот обвинител кои постапуваа во тој процес, многу е веројатно дека ќе следи уште едно судење. Како што неофицијално се дознава, во многу скоро време ќе биде поднесена пријава за неколку лица кои во својот исказ ги споменува заштитениот сведок „Бреза“, а кои врз него вршеле притисок тој да се согласи лажно да сведочи во процесот кој се водеше против наводниот нарачател Ѓоре Петровски и против браќата Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски, на кои им се судеше како на извршители на убиството.

Според неофицијални сознанија, со пријавата би можеле да бидат опфатени најмалку четири лица кои сведокот Златко Арсовски алијас „Бреза“ ги споменал како лица кои врз него вршеле притосок да сведочи против лицата кои беа обвинети за убиството во Ореше.

За убиството кое се случи во велешкото село Ореше во 2005 година, Јавното обвинителство, три години подоцна ги обвини Ѓоре Петровски и браќата Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски. Петровски беше посочен како нарачател, а браќата како извршители на убиството на Лазар Милошевски и тие со првата пресуда беа осудени на по 12 години затвор. Оваа пресуда беше укината од повисокиот суд, но судот во Велес донесе идентична пресуда, која, исто така, беше укината. Во меѓувреме, сведокот со псевдоним „Бреза“ побара да му биде симнат статусот на заштитен сведок, а потоа пред судот обвини дека исказите кои ги дал биле дадени под закана врз неговиот и животите на негови најблиски. На третиот судски процес тој посведочи дека обвинетите немале врска со настанот и дека тој лажно ги наклеветил по што беше донесена ослободителна одлука. Кон средината на мај оваа година, под обвинение дека ја злоупотребиле својата функција на обвинителна клупа се најдоа и истражниот и судечкиот судија, јавниот обвинител и новинарот Томислав Кежаровски, кој, пак, беше обвинет дека, наводно, го открил идентитетот на заштитениот сведок.