/ Прочитано:

1.268

Нов терен за глобалното профитерство: приватизацијата на безбедносниот сектор ги поткопува правилата за применување сила и користење оружје

Трендот на делумно пренесување на функциите на јавната управа на приватни носители наголемо резултира со сѐ повеќе правни лица за дејности од обезбедувањето и од воената индустрија. Оперирајќи во критични региони, како што беше случајот со Балканот, преку обезбедување разни услуги на бизнис клиенти и на влади на држави, овие фирми не само што го покриваат повремениот недостиг од државна безбедност, туку и континуирано прават усилби да бидат признаени како легитимни играчи во практиката на безбедносниот сектор, односно во примената на сила како безбедносна мерка. Елена Ставревска, докторанд по меѓународни односи на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, тврди дека просторот на бивша Југославија прими масивно количество оружје, што и денес има свои последици, и ја доведува во прашање легитимноста на приватните компании во оваа област.

Под наметнатите влијанија на процесот на глобализацијата, владите низ светот зачестено преминуваат кон приватизирање на дел од државниот имот, како и на разни дејности во државна надлежност, со цел да ги намалат годишните расходи, да ги сузбијат коруптивните механизми, но и да постигнат разумно ниво на ефикасност. Ваквиот тренд беше најзабележлив во областа на енергетиката, на сообраќајот и на телекомуникациите, но во последната декада станува сѐ поочигледен и во високата политика, односно во надворешната и во безбедносната политика. Соочен со нерамномерни финансии, државниот монопол врз употребата на силата како безбедносна мерка постепено отвора простор за вклучување на приватните интереси во носењето одлуки поврзани со националната и со меѓународната безбедност. Трендот што зема замав, во својата основа, претставува процес на приватизација на безбедносниот сектор.

Распадот на поранешниот Советски сојуз и укинувањето на биполарниот светски поредок по Студената војна доведоа повеќе региони, како Балканот и Блискиот Исток, да изгубат од својата геополитичка вредност, а да добијат воена поткрепа од двете велесили, Америка и Русија. Сред стекнатите околности, потребата од безбедност беше континуирано одржувана преку крупните потфати на големи играчи како меѓународни компании и невладини организации. Приватните компании за безбедност побрзаа да го покријат акутниот јаз во обезбедувањето воени и безбедносни услуги, апсорбирајќи го вишокот персонал настанат со распуштањето на комплексните безбедносни системи на Америка и на Русија. Елена Ставревска, докторанд по меѓународни односи на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, објаснува дека „приватизацијата“ на одредени области од безбедносниот сектор неизбежно ги смени текот и начинот на војување во светот, притоа доведувајќи ја во прашање легитимноста на овие компании.

„Препуштањето на области од безбедносниот сектор во раце на приватни компании, иако и претходно присутно, особено стана применливо за време на војните во Авганистан и во Ирак, и тоа првенствено од страна на САД и од Британија. Иако можеби од една страна, со оглед на ограничувањата на ресурсите, практично е да се нарачуваат вакви услуги, овој механизам неретко се користи и за избегнување на меѓународните правила за користење сила. Еден од попроблематичните аспекти, секако, е прашањето на легитимност, како и правилата на кои се подложни овие компании. Многу од нив функционираат надвор од националните регулаторни рамки, што е прилично загрижувачки, а често се запоставува и почитувањето на човековите права, како и запазувањето на одредени меѓународни конвенции, како што е Женевската“, образложува Ставревска.

Чувствителноста на дејноста не дозволува веродостоен увид во нејзината состојба, но овозможува да се разликуваат три вида вакви приватни компании: добавувачи со тактичка воена улога и непосредно учество на критичното место; консултантски куќи за воено-безбедносни прашања, како и компании за воена и безбедносна поддршка, коишто вршат помошни функции, како што се логистика, обезбедување имоти и лица, прибирање податоци и анализа на податочни бази. Учеството на овие компании не проаѓа без разорни ефекти врз практиката на одржувањето на безбедноста: работната професионалност, јавната одговорност и демократската контрола врз воените дејствија, како и врз оружјето, секојдневно трпат влијанија. Стеснувајќи го фокусот на балканскиот простор во периодот на меѓунационалните конфликти од 90-тите години, Ставревска тврди дека завојуваните републики од бивша Југославија беа во смисла на оваа проблематика вистинска мека за масивен инфлукс на оружје, чиишто последици до ден-денес имаат свој одраз во модерните држави.

„Поседувањето и контролата на оружјето, особено на малото и лесно оружје, по војните во 90-тите беше и останува сериозен проблем во некои делови од Балканот. Иако постоеле неколку меѓународни мировни мисии кои во својот мандат вклучувале и разоружување непосредно по завршувањето на воените дејствија, количествата оружје што продолжуваат да стојат на располагање на граѓаните сѐ уште имаат загрижувачки размери. Ова особено важи за руралните предели на Косово и во Босна и Херцеговина, но и другите земји од Западен Балкан не котираат подобро. Според студија на невладината ‘Сејфр ворлд’ од јуни 2006 година, од приближно 400.000 единици мало и лесно оружје на Косово, околу 317.000 биле во нелегална сопственост на поединци или на групи граѓани“, подвлекува Ставревска.

Нејасната правна положба на приватните компании во безбедносниот сектор одамна е дијагностицирана во експертските кругови, но сѐ уште не е направен забележлив пробив кон транспарентно и ефективно регулирање на индустријата на глобално ниво. Прашањето на остварување профит преку остварување воени цели, коишто често вродуваат со долгорочни последици, останува точка на кршење на копјата. Употребата на приватни безбедносни сили и слабата контрола на оружјето се наметна како фактор што дополнително ја проблематизираат домашната и ја усложнуваат меѓународната безбедност и чии можни ефекти бараат исклучителна внимателност од страна на засегнатите влади. Во контекстот на Балканот и на Македонија, Ставревска укажува дека постојат усилби за поструктурирано контролирање на оваа сфера, но упатува на се уште незадоволената потреба од натамошно регулирање според стандардите на Европската Унија.

„Евроатлантските интегративни процеси на земјите од Западен Балкaн поттикнаа иницијативи за поструктурирано контролирање преку напорите законската и институционалната рамка да се доведат во склад со стандардите на ЕУ, а постои и регионална соработка за размена на податоци и на искуства. Во 2002 година, меѓународната заедница ја иницира Југоисточната и источноевропската клириншка куќа за контрола на малото и лесно оружје (СЕЕСАК). Во нејзините рамки редовно се изготвуваат национални и регионални извештаи за состојбите, што допринесува кон поголема ангажираност на балканските земји при соочувањето со овој вид проблеми. Останатите аспекти на снабдување со оружје на државно ниво, како и целокупната одбранбена реформа, принципиелно се координираат преку програмата „Партнерство за мир“ на НАТО, чии потписнички се сите земји од Западен Балкан освен Косово“, завршува Ставревска.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 10.7.2013