/ Прочитано:

1.717

Нов водич за примена на Законот за основно образование

Денес, Коалицијата на младински организации „СЕГА“ организираше завршен настан за промоција на резултатите на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“. „СЕГА“ го спроведуваше проектот во партнерство со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како и со поддршка од Детската фондација „Песталоци“.

На настанот се презентираа постигнувањата на проектот кој се спроведе во периодот од 2011 – 2019 година, а се промовираше и новиот „Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта“, во насока на полесна имплементација на одредбите од Законот за основно образование кои се однесуваат на ученичко учество и организирање.

Зоран Илиески, извршен директор на „СЕГА“, изјави: „Преку овој проект, во текот на една декада, значително се придонесе кон подобрување на примената на Конвенцијата за правата на детето во нашата држава. Од една страна, се воспоставија системски промени кои гарантираат дека гласот на учениците во училиштата ќе биде слушнат, а од друга страна, се придонесе кон подобро препознавање и почитување на правата на децата од страна на возрасните.“

Зеќирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието, изјави: „Чест и задоволство ми е што денес по неколку години од соработката на проектот Имплементација на Конвенцијата на детските права во Македонија, спроведуван од страна на Коалиција ‘СЕГА’ во соработка со БРО, денес ги гледаме резултатите. Тоа е уште еден доказ дека соработката помеѓу владините институции и невладините организации со поддршка од меѓународните организации обезбедува напредок во образованието, со идеја да се зајакнат вештините на младите и на образовниот и воспитниот кадар во училиштата.“

Главната цел на проектот беше да се подобрат знаењата и вештините на учениците во основните и средните училишта за практикување на правото на учество во училишниот живот. Со проектот, Коалицијата „СЕГА“ се стремеше да обезбеди услови за демократско учество на учениците во образовниот процес, но исто така се стремеше и да ги зајакне компетенциите на наставниот кадар за да се обезбеди континуитет и одржливост на поддршката на учениците како еднаков партнер при донесувањето на битни одлуки. Во текот на деветгодишниот проект, „СЕГА“ директно работеше со 36 училишта (19 средни и 17 основни) и ги подобри знаењата за детските права на 55.389 ученици.

Коалиција на младински организации „СЕГА“ е национална платформа на младински организации, активна во полето на лобирање за промени во младинските политики, посветена кон поддржување на младинскиот активизам, подобрување на пристапот до информации и учеството на младите луѓе во активности за решавање на нивните проблеми. Коалицијата „СЕГА“ е формирана во 2004 година, и во своето досегашно тринаесетгодишно искуство соработува со интернационални, национални, регионални и локални партнери во спроведување на различни проекти со цел подобрување на животот на младите.

M.В