/ Прочитано:

2.209

Нов Закон за меѓународна соработка во кривичната материја со европско знаменце

Со новиот Предлог-закон за меѓународна соработка во кривичната материја ќе се зголеми ефикасноста и брзината на постапките за меѓународната правна помош, се вели во образложението на предлог-законот кој е во собраниска процедура со европско знаменце.

Со Предлог-законот за меѓународна соработка во кривичната материја се уредуваат условите и постапката за меѓународна соработка во кривичната материја. Одредбите од овој закон имаат директна поврзаност со одредбите од: Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка, Законот за извршување на санкции, Законот за судови, Законот за Јавно обвинителство, Судскиот деловник, Законот за полиција и Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Меѓународната соработка, се пропишува во законот, се врши во согласност со одредбите од овој закон, освен ако со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија или со правен акт кој ги регулира кривичните постапки на меѓународен суд чија надлежност ја признава Република Северна Македонија поинаку не е уредено.

Основни начела на меѓународната соработка

Меѓународната соработка се остварува врз основа на следниве основни начела:

  • заштита на суверенитетот, сигурноста или безбедноста,
  • двојна инкриминираност,
  • забрана за двојно казнување,
  • фактички реципроцитет,
  • итност и ефикасност во постапувањето,
  • директна комуникација и соработка на правосудните органи,
  • заемна доверба и
  • заемно признавање и извршување на судските одлуки.

Постапките и меѓународната соработка

Меѓународната соработка се дава во сите постапки во однос на кривични дела чие гонење во времето на поднесување на замолницата за меѓународна правна помош во кривична материја или барањето за меѓународна соработка во кривичната материја е во надлежност на правосуден орган на државата барател.

Меѓународната соработка се дава во постапките пред Европскиот суд за човекови права, Европскиот суд на правда, Меѓународниот кривичен суд, а кога тоа е определено со меѓународен договор и во однос на други меѓународни организации чија членка e Република Северна Македонија.

За сите прашања кои се однесуваат на меѓународната соработка во кривичната материја, а кои не се уредени со овој закон, ќе се применуваат одредбите од Закон за кривичната постапка, Законот за прекршоците, Закон за судовите, Законот за Јавното обвинителство и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Утврден Предлог-законот за меѓународна соработка во кривичната материја

Со новиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја ќе се регулираат институционалните облици на соработка

М.В