Нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство
Со новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при преземањето на мерки за превенција од родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово базирано насилство и семејното насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, услугите за заштита на жртвите и собирањето на податоци за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство.
Целта на законот е превенција и спречување на родово базирано насилство врз жените и семејното насилство, ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово базирано насилство врз жените, како и на жртвите на семејно насилство, со почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија. Целта на законот се заснова на принципот на еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги.
„Досегашната заложба на Република Северна Македонија беше во насока на справување со проблемот на семејното насилство. Со измените во Кривичниот законик на Република Македонија во 2004 година, за прв пат беше дефинирано семејното насилство, а во девет кривични дела против животот, телото и сигурноста на жртвите предвидена е построга санкција доколку конкретното кривично дело е извршено во контекст на семејно насилство. Кривичниот законик сѐ уште не го препознава силувањето извршено во контекст на семејно насилство, па значаен број на жртви ги остава надвор од системот на заштита од сексуалното насилство. Истовремено, со воведувањето на кривичноправната заштита на жртвите на семејно насилство се воспостави систем за граѓанскоправна заштита, прво, преку измена на одредбите на Законот за семејство (2004), а десет години подоцна и со усвојување на посебен Закон за спречување, превенција и заштита од семејно насилство (2014). Со овој закон се дефинира семејното насилство, утврдени се надлежностите на институциите во системот на превенција и заштита на жртвите на семејно насилство, како и (привремените) мерките за заштита на жртвите на семејно насилство. Постоечкиот закон има цел елиминирање, спречување и заштита од семејно насилство на сите членови што живеат во една заедница и не ги зема предвид специфичните потреби на жената, која како резултат на нејзината нееднаква положба во општеството во однос на мажот е поранлива на насилство“, се вели во законското образложение.
М.В