/ Прочитано:

782

Нова кампања на РСБСП – „Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот!“

„Пролетта е годишно време на будење, на позитивно расположение и на промени, а Разбуди ги позитивните навики во сообраќајот е слоганот под кој Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ќе ја претстави и ќе ја реализира новата пролетна едукативна кампања за одговорно учество во сообраќајот и за почитување на сообраќајните правила и прописи“, информираат од РСБСП.

Кампањата ќе се реализира во четири тематски фази и ќе биде насочена најпрво кон едукација на возачите, а потоа и кон подигнување на сообраќајната свест за безбедно учество во сообраќајот на пешаците, мотоциклистите и велосипедистите – ранливи категории учесници во сообраќајот. Во неа, освен едукација преку социјалните и електронските медиуми, ќе се организираат и јавни настани преку кои учесниците во сообраќајот ќе се запознаат со опасностите со кои се соочуваат во сообраќајот и ќе добијат совети како да ги надминат.

Почетокот на пролетта е период кога интензитетот на сообраќајот постојано се зголемува, а со тоа се зголемува и учеството на ранливите категории во сообраќајот и бројот на сообраќајни незгоди во кои тие се учесници. Токму поради тоа, тие се главниот фокус на кампањата за будење на позитивните сообраќајни навики.

„Намалување на бројот на загинати пешаци, велосипедисти и мотоциклисти е цел поставена во Втората национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Оваа цел, сама по себе, претставува јасен предизвик не само за РСБСП туку и за сите останати надлежни институции за подигање на безбедноста во сообраќајот на ниво достојно за секој поединец слободно и без страв да учествува во сообраќајот. Во таа насока, РСБСП неколку години по ред реализира вакви или слични едукативни активности“, велат од РСБСП.

„Разбуди ги добрите сообраќајни навики: забави малку, вози одговорно, не претрчувај на пешачки, внимавај со твојот велосипед, се дел од пораките што ќе ги пренесеме во рамки на кампањата. Интересни, директни и доволно јасни и прецизни за да предизвикаат брза реакција и во истиот момент да влијаат на оние со лоши навики во сообраќајот“, соопштуваат од РСБСП.

Во согласност со сообраќајната статистика, во 2017 година на патиштата во Република Македонија животот го загубиле 34 пешаци, 5 велосипедисти и 7 мотоциклисти. Бројот на загинати велосипедисти и мотоциклисти е намален за 50 % во споредба со 2016 година, а бројот на загинати пешаци е ист. Според овие показатели, минатата година ранливите категории учесници во сообраќајот, кои се цел на оваа кампања, учествувале со околу 30 % од вкупниот број жртви на патиштата.

И овој пат, апелот што го упатува РСБСП до сите учесници во сообраќајот е да ги разбудат позитивните навики и да бидат позитивен пример за останатите учесници во сообраќајот. Истовремено, РСБСП потсетува дека почитувањето на сообраќајните прописи е најважното правило во сообраќајот.

М.В