„Нова Македонија“: Последните часови од животот Никола Младенов ги поминал возејќи два круга на автопатот Скопје-Велес-Скопје
Понеделник, 1 април 2013 – Последните часови од животот новинарот и сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов, ги поминал возејќи, открива „Нова Македонија“. Новинарската екипа во саботата била на лице место на несреќата, пронашла фискални сметки од платената патарина, според кои, пред сообраќајната несреќа што најверојатно се случила по 23 часот „мерцедесот“ свртел два круга на автопатот Скопје – Велес – Скопје. Блиските на Младенов откриваат дека тој имал обичај да се вози по автопат, само за да се „издува“.
Досега надлежните иснтитуции излегоа со штури информации за трагичната сообраќајка за која целата јавност чека одговори. Од судот, обвинителството, полицијата и од судска медицина се уште нема офцијални информации, но екипа на „Нова Македонија“ во саботата била на местото каде загина Младенов и се обиде да направи своја реконструкција на настанот.
Од засега неутврдени причини, Младенов всушност направил два круга од Скопје до Велес. Тоа може да се утврди од четирите белешки – фискални сметки од патарините „Сопот“ и „Отовица“, од двете страни на автопатот Скопје – Велес – Скопје, во непосредна близина на Велешко Езеро, до кои „Нова Македонија“ дојде по сопствена истрага.
„На необезбедениот терен, на клучката кај Хиподром, при влезот во Скопје, најдовме важни детали за кои сметаме дека се од суштествено значење за утврдување на вистината. Во грмушките, меѓу дрвјата, од каде што во средата околу 20 часот беше извлечено возилото „мерцедес“, пронајдовме фискални сметки од патарина расфрлани на четири страни. „Мерцедесот“ свртел два круга Скопје – Велес. Од тоа што се гледа од фискалните сметки, Младенов во 20:49 часот бил на наплатната рампа „Сопот“, на автопатот Скопје – Велес, што се наоѓа непосредно до Велешко Езеро. Тоа кореспондира со изјавата на членови на семејството дека тој околу 20 часот излегол од дома, како и со информациите од страгата дека Младенов првата патарина на автопатот Скопје – Велес ја минал околу 20:30 минути. Дваесет и една минута подоцна од минувањето на наплатната рампа „Сопот“, во 21:10 часот, „мерцедес“ ја минал наплатната рампа „Отовица“. Тоа е рампата што се наоѓа од другата страна на езерото, на автопатот од Велес кон Скопје, што значи дека тој само направил круг. Во 22:04 часот „Мерцедесот“ на Младенов вторпат бил на „Сопот“, а во 22:50 минути повторно минал преку „Отовица“, враќајќи се назад кон Скопје, Но, за жал, никогаш не стасa“, стои во реконструкцијата на „Нова Македонија“.