/ Прочитано:

1.610

Новата Стратегија за спроведување на правото за заштита на личните податоци

Дирекцијата за заштита на личните податоци ја донесе и објави новата Стратегија  за спроведување на правото за заштита на личните податоци во Република Македонија 2017-2022.

„Овој документ е втор стратешки документ за заштита на личните податоци на Република Македонија и претставува круцијален документ кој ја опишува состојбата на системот за заштита на личните податоци на национално ниво, како и изразување на потребата и визијата да се има комплетен и модерен пристап кон заштитата на човековото право за заштита на личните податоци. Во Стратегијата предвидовме силна гаранција за приватноста на личните податоци преку воспоставување систем за превенција, почитување и разбирање на правата и обврските“, посочуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Правото на заштита на личните податоци и правото на приватност се различни човекови права. Поради големото значење на приватноста на поединецот, во повеќето земји правото на приватност е регулирано на уставно ниво, како што е случај со Република Македонија.

Во Република Македонија правото на заштита на личните податоци е регулирано во член 18 од Уставот на Република Македонија од 1991 година.

„Се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето информации за нив преку обработка на податоците“, додека правото на приватност е дефинирано во членовите 17, 25 и 26 од Уставот.

„Законот за заштита на личните податоци ја прикажува усогласеноста со Директивата на Европскиот парламент и на Советот 95/46/ЕЗ и другите меѓународни инструменти или национални чинители. Постојат одредби за заштита на личните податоци и во многу секторски закони како што се: Законот за кривичната постапка, Законот за здравствената заштита, Законот за полицијата, Законот за електронските комуникации итн.“, се образложува во Стратегијата.

Во текот на подготовката на овој документ беа земени предвид неколку глобални трендови кои влијаат врз механизмот за заштита на личните податоци, со цел да се биде на едно подготвително ниво, за да се одговори на предизвиците на прашањата како што се:

  • глобалните трендови на дигитализацијата, кои резултираа со сè поголемо вмрежено општество, брзо ширење на информациите преку интернет, обемна анализа на податоци, дигитална економија, „smart living“ – паметно живеење, концепти на е-влада со бази на податоци кои се поврзани меѓу себе;
  • континуираната глобализација, која резултира со зголемување на меѓународниот проток на податоци, дури и од лична природа;
  • соочувањето со прашања од националната и глобалната безбедност има сè поголема важност, бидејќи тие влијаат и врз сферата на приватноста на граѓаните;
  • зголемувањето на степенот на важност во однос на едукација на децата за правото на заштита на личните податоци;
  • зголемените барања на заедницата и општеството за отчетност и транспарентност уште повеќе ја зголемуваат контролата на надзорните органи и ја подобруваат соработката.

Европската Унија, се посочува во Стратегијата, го даде својот одговор на предизвиците од глобалните трендови споменати погоре преку целосно редефинирање на законската рамка за заштита на личните податоци и со донесување на следниве прописи:

  • новата Регулатива 2016/679 (GDPR – Општа регулатива за заштита на личните податоци) која целосно ја заменува Директивата 95/46/ЕЗ ќе биде директно применлива од 25 мај 2018 година во сите земји членки на ЕУ
  • новата Директива 2016/680 (Директива за заштита на физички лица во однос на обработката на лични податоци од страна на надлежните органи за целите на превенција, истражување, откривање или гонење за спроведување на правото за заштита на личните податоци во Република Македонија 2017-2022, за кривични прекршоци или извршување на изречените казни и за слободно движење на таквите податоци), која ќе биде транспонирана од страна на земјите членки до 6 мај 2018 година
  • новиот предлог за Регулатива на приватноста и електронските комуникации која ќе ја зголеми приватноста на граѓаните на нивниот приватен живот и ќе отвори нови можности за бизнис. Оваа нова регулатива е сè уште во фаза на одобрување и ќе ја замени Директивата 2002/58/ЕК

„Иако Република Македонија не е членка (со статус на кандидат од 2006 година), основен интерес на земјата е да го усогласи националното законодавство со горенаведеното законодавство на ЕУ. Најважните новини (релевантни и за Република Македонија) се ревидираниот пренос на лични податоци во земји надвор од ЕУ; нови права на субјектите на личните податоци и нови методологии за обезбедување усогласеност; зголемување на улогата и одговорноста на надзорните тела (ДПА-та); нова институционална структура и нови правила на соработка помеѓу ДПА-та“, се вели во Стратегијата.

M.В