/ Прочитано:

879

Нови апсења во Турција поради пораки на „Твитер“

Понеделник, 10 јуни 2013 – Tурската полиција приведе 13 лица кои преку „Твитер“ организирале протести и агитирале преку социјалната мрежа, јави Си-Ен-Ен Турк.

Тринаесеттмината се приведени во турскиот град Адана. Меѓу нив се и две жени. Тие биле на информативен разговор во полиција по што денеска се изведени пред истражен судија.

Според медиумот, тие имале намера за напади во време на демонстрации врз владини и партиски објекти, приватни автомобили и врз полицијата.

Минатата недела над 30 луѓе беа приведени во Измир врз основа дека со свои објави на социјални мрежи поттикнувале непријателства и омраза. Подоцна, приведените беа ослободени.

Ердоган најавува контра-протести

Во меѓувреме масовните протести против премиерот Реџеп Таип Ердоган и неговата влада продолжуваат. Истовремено, премиерот одржува средби со неговите поддржувачи и упатува порака дека трпението на владата не е бесконечно.

Според него на демонстрациите предничат екстремисти и криминалци, и најави дека следниот викенд неговата партија ќе организира контра-протести со што, според опозицијата, уште повеќе ќе се заострат поделбите во турското општество. Во досегашните немири во Турција загинаа најмалку четири луѓе, додека илјадници граѓани и полицајци се повредени.