/ Прочитано:

1.310

Нови докази за падот на владиниот Кингер – првата истрага пропуштила многу детали

Понеделник, 28 јануари 2013 – Скриени извештаи кои зборуваат за неисправност на инструментите на мостарскиот аеродром, непостоење на процедури и правилници за организирање на летови со владиниот кингер, неиспитан авионскиот ГПС уред за просторно лоцирање, немање контрола на цивилната воздушна пловидба. Ова се новите докази за падот на владиниот Кингер, Комисијата што ја води истрагата за смртта на претседателот Трајковски ги даде првите резултати, објавува Канал 5. 

15-члената истражна комисија предводена од Омер Кулиќ, советникот на министерот за сообраќај и комуникации на БиХ утврдила дека првата истрага формирана уште во 2004 година, пропуштила детали околу утврдувањето на причината за падот на владиниот Кингер во кој загинаа претседателот Трајковски и 8 членови на делегацијата. Се очекува истрагата да даде одговор на прашањето зошто првичната Комисија ги пропуштила и не ги обелоденила овие докази.

Според истрагата, во текот на кобниот лет Кингерот немал контакт со инструментот ВОР најмалку 18 секунди. Овој уред овозможува инструментално слетување на авионот на аеродроми каде нема радар, а мостарскиот аеродром е случај каде не постои радар. Во првата истрага не е проверено дали овој инструментот бил исправен. Комисијата дошла до сознание дека во првичната истрага е сокриена уште една битна информација.

Две години пред да се случи несреќата за последен пат била извршена контрола врз уредот ВОР. Кобниот ден  овој уред требало да го наведува Кингерот кон пистата во Мостар. Постоеле резултатите кои покажувале отстапување на инструментот, но тие никогаш не биле предадени на надлежните аеродромски воени служби во Босна. Тој извештај не се појавил ни за време на спроведувањето на првата истрага во Босна. Оваа Комисја дошла до извештајот, а се очекува тој документ да  расветли многу нејаснотии.

Паднатиот Кингер имал и ГПС уред за покажување на позицијата на авионот. За време на првата истрага тој воопшто не бил проверен, а македонските истражители го пронашле во хангарот на Петровец каде се остатоците од Кингерот. ГПС уредот потоа е заштитен и предаден на крим техниката на МВР, а новата истрага ќе треба да го провери. Покрај ова, со документи е откриено дека СОЗР владината служба задолжена за кингерот немала редица правилници и процедури за авионскиот сектор, а Управата за цивилна воздушна пловидба немала ефикасен систем за контрола на квалитетот на процедурите и на леталото.

Сѐ уште се чека на резултати на новата истрага во однос на постапките на СФОР пред, за време и по падот на Кингерот кога францускиот контингент забрануваше пристап до местото на несреќата.