/ Прочитано:

1.164

Нови правила од Брисел, нови стравови од Украина: земјите од Западен Балкан во костец со новата реалност на Европа

Поучена од недостатоците на досегашните рунди од своето проширување, Европската унија, од година на година, воведува нови правила во преговорите за членство. На другата страна на мапата, кризата што изби во Украина, од ден на ден, сè повеќе го заматува политичкото секојдневие во Брисел. Под превезот на изменетиот курс на Унијата и сред загриженоста од кризното жариште во Украина, јавното мислење во регионот на Западен Балкан доживува невидена какофонија: едни стравуваат за брзината на преговорите за членство, други се вознемирени од можното губење на политичкиот фокус. Како би можела украинската криза да влијае врз натамошното проширување на ЕУ и зошто преговорите за членство со преостанатите земји од Балканот се отвораат токму со прашања од правосудството?

„Ако искрено сакаме да внесеме промени во Источна Европа, тогаш треба да го примениме најсилниот инструмент што ѝ стои на располагање на Европската унија, а тоа е нејзината политика на проширување. Таа има беспримерна сила на промени и на стабилизација“, порача неодамна Оли Рен, комесарот на ЕУ за проширување. Оваа доктрина наголемо одекнуваше и низ земјите на поранешна Југославија, кога тамошните воени конфликти сееја страв во предворјето на ЕУ. Деценија-две подоцна, Словенија и Хрватска се членки на Унијата, а останатите земји сè уште вложуваат напори и полагаат уште повеќе надежи дека нивната евроинтеграција нема да биде загрозена од кризата што ја зафати Украина. Новата реалност произлезена од хистеријата помеѓу Истокот и Западот создава на сите страни нови притисоци.

Гледајќи наназад, Европската унија даде голем придонес во обновата на земјите-кандидатки од Западен Балкан. Сепак, последиците од децениските конфликти и натаму се видливи на повеќе рамништа, а мултиетничкиот состав им додава уште посилен контраст. Судири постојат и на политичкиот мегдан и во секојдневието на улицата: додека на едниот крај сè уште владее партитократското деспотство, на другиот не се смирува граѓанската нетрпеливост. Имајќи ја наум ваквата состојба, на земјите од Западен Балкан не треба да им се приоѓа однадвор со унифициран пристап, ами со уредно скроени модели што ги запазуваат поединостите на секоја земја, укажува д-р Дејан Јовиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Загреб и главен политички аналитичар во Канцеларијата на Претседателот на Хрватска.

„Критериумите што ЕУ ги поставува пред земјите од Западен Балкан немаат допир со реалноста. Брисел не може да очекува дека Босна и Херцеговина, Македонија или, пак, Србија ќе ги достигнат стандардите на Финска или на Шведска. На преостанатите балкански земји што не се во ЕУ треба да се гледа со реални очи: тие повеќе личат на Кипар отколку на некоја скандинавска земја. Овој факт не смее да се превиди. Дотолку повеќе, ако се инсистира на подолг претпристапен процес, не мора да значи дека земјите ќе бидат во подобра кондиција. Напротив, тоа може да доведе до повторување на случајот на Турција, којашто со години стои во редицата за членство. Сигурен сум дека Унијата не сака да остави во својата близина ‘остров’ на изолирани и на фрустрирани народи“, образложува Јовиќ во своите разгледи.

Секој кандидат во чекалницата мора да биде способен да го апсорбира европското право, коешто се содржи на 80 илјади страници. Настрана од идеалното сценарио, најгорливиот проблем на земјите од Западен Балкан и натаму се огледа во потребата од прилагодување на законската и на институционалната рамка, како и јакнењето на административните капацитети. Патот што ѝ претстои на секоја земја е макотрпен и со повеќе делници: детален скрининг; исполнување на одредниците за отворање на преговорите; преговори за 35 поглавја; исполнување на одредниците за затворање на преговорите; потпишување на Договорот за пристапување; референдум за изјаснување на граѓаните на земјата што пристапува; ратификација во Европскиот парламент и во сите земји-членки на ЕУ; почеток на членството.

Стратегијата за проширување 2012-2013 објавена спроти почетокот на преговорите со Црна Гора во јуни 2012 година изнесе низа новини за процесот на преговарање. Европската комисија предложи нови правила за отворање на поглавјата со посложен карактер, како што се Поглавјето 23 (Реформа на правосудството и основни права) и Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност). Со оглед на големината на предизвиците и на долгиот пат до промените, поглавјата посветени на правосудството, на основните права, на правдата, на слободата и на безбедноста се отвораат во најраната фаза од преговорите, со цел да се создаде поголем временски простор за воспоставување на неопходната законска рамка, како и на институциите што треба да водат грижат за доследна имплементирање на реформите.Врз основа на воочените нееднаквости во досегашната практика, Европската комисија, со својата водечка улога во процесот, настојува да ги подобри тековните и идните претпристапни преговори во седум главни домени: обединување и зацврстување на обврските на Унијата за натамошното проширување; примена на фер и на ригорозно условување; зачестено комуницирање на темите од проширувањето со поширокото граѓанство; одржување на веродостојноста на самиот процес; закрепнување на стопанствата по неодамнешната економска криза; постигнување конкретни резултати што се следат преку јасна практика на мониторирање, како и одредување заеднички приоритети – како што е слободата на медиумите – на коишто засилено им се посветува внимание во последните две години.

„Барајќи решение за предизвиците наметнати од украинската криза, Европската унија треба да го забрза процесот на проширување кон Западен Балкан – треба да им понуди перспектива за членство во времетраење од два политички мандата, односно од осум до десет години. Ризикот за опстанокот на Европа без Западен Балкан е многу поголем отколку кога тој би бил целосно интегриран во нејзиното семејство. Украина е двапати поголема според бројот на населението во споредба со Западен Балкан, и, без оглед на поголемиот број ризици што таа ги носи со себе, Брисел почна да ѝ намигнува со картата за идно членство. Наспроти тоа, во овие чувствителни услови на новата политичка реалност, довршувањето на работата започната на Балканот треба да остане врвен приоритет за европските технократи“, порачува Јовиќ. 


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 22.4.2014