/ Прочитано:

1.916

Нови сентенци на Вишиот управен суд од имотноправната област, за правата од работен однос и за даночните права

Вишиот управен суд објавува сентенци усвоени од судиите во согласност со членот 72 од Судскиот деловник. Сентенците се донесени и усвоени: од првиот судски совет за имотноправна област и други права, од вториот судски совет за пензии, инвалидски, социјални права, права од работен однос и други права и од третиот судски совет за финансиски, царински, даночни и други права. Сентенците се објавени во Билтенот 16  на Вишиот управен суд:

  • Сентенца по основ: Запишување во катастар

Со барање за исправка на техничка грешка, во однос на намената на недвижноста, не може да се изврши пренамена на недвижност, односно не може со статус објект – гаража да се пренамени  во објект- помошна просторија.

  • Сентенца по основ: Запишување во катастар

 Во случај кога во катастарот на недвижности на катастарските парцели кои биле предмет на постапката за исправка на грешка, бил запишан друг носител на право дури и во во состојба кога ова запишување да не било во согласност со исправите за правен основ врз основа на кои било извршено запишувањето, тужениот орган не може повикувајќи се на одредбата од член 209 од Законот за катастар на недвижности, да изврши бришење на веќе запишано право на друг носител, бидејќи овие случаи не можат да се подведат под одредбата од наведениот член и не можат да се бришат запишани права на еден носител на право и да се запишуваат права на друг носител на право, со потврда за отстранување на грешка во катастарот на недвижности.

  • Сентенца по основ: Лиценца

 Основ и услов за одземање на лиценца, според Законот за вештачење, може да бидат само условите предвидени во самиот Закон. Имено, според овој Закон, објавен во Службен весник на РМ бр.104/15 а кој стапил на сила осмиот ден од неговото објавување, не може ретроактивно да се применуваат одредбите од овој Закон.

  • Сентенца по основ: Работни односи, нотари

Нотар кој ќе наполни 64 годишна возраст по сила на Законот за нотаријат – како lex specijalis, поточно по член 18 став 1 точка б –  исполнува услови за старосна пензија. Оттука, истиот не може да бара продолжување со работа, согласно одредбите од член 104 став 2 од Законот за работни односи, или до 67 годишна возраст.

  • Сентенца по основ:  Управни договори од областа на возила

Во случај, кога недостасува оригинал царинска декларација 8/4 за возило, согласно член 31 став 2 алинеја 3 од Законот за возила и Правилникот за начинот и постапката на регистрација на возилата, не може да се регистрира возило.

  • Сентенца по основ: Јавна набавка

Според овој суд, органот при утврдувањето на износот на адвокатските трошоци кои треба да се надоместат, треба да се раководи од Барањето за надоместок на трошоците на постапката,кое треба да биде во потполност одредено, специфицирано и доставено пред донесување на решението како и од Тарифата за награда и надоместок на трошоците  за работа на Адвокатите, каде е точно утврдена висината на трошоците за состав на писмен поднесок.

  • Сентенца по основ:  Данок на имот

Во постапката кога отпаднал основот за плаќање на данокот на промет на недвижности, Управниот суд при одлучувањето погрешно нашол и утврдил дека тужителот не презел дејствија и не го известил тужениот орган дека се води судска постапка, односно дека е донесена Пресуда на Основниот суд С. 2 ТС.бр.19/11 на 27.06.2011 година, потврдена од страна на Апелациониот суд со Пресуда ТСЖ.бр.328/11 од 29.11.2011 година, со кои е извршен прекин на роковите за застареност, со која се прекинуваат сите преземени дејствија, односно неправилно утврдил дека постои застрареност за враќање на данокот. Во согласност со  член 85 став 3 од Законот за даноците на имот, правото на утврдување, наплата и враќање на данокот застарува по истекот на десет години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден, наплатен, односно во која износите биле платени. Во овој случај според овој суд ,овој рок не е истечен.

  • Сентенца по основ:  Управни договори од областа на возила

Во овој случај ,Вишиот управен суд смета дека во членот 247 и членот 248 став 1 и 2 од  Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, децидно се предвидени законските услови за работа, па како во конкретниов случај по извршениот надзор, е утврдено дека стручниот раководител и предавач поседувал диплома од Технолошко – металуршки факултет, насока прехранбено биотехнолошко инженерство, правилно органот утврдил дека автошкола, не ги исполнува пропишаните услови за работа од член 258 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно стручниот раководител нема завршено соодветно образование. Во овој случај, не може да се примени Законот за инспекциски надзор, на кој се повикува Управниот суд, туку Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како материјален закон.

  • Сентенца по основ: Данок на имот

При утврдувањето на пазарната вредност во смисла на Законот за данок на имотите, треба да се има во предвид пазарна вредност, утврдена според Методологијата и извршената проценка од страна на овластен проценувач. Во постапката за данок на недвижности под промет на недвижности, во смисла на Законот за данок на имотите, се смета преносот со и без надоместок на правото на сопственост на недвижности од едно на друго правно лице

  • Сентенца по основ: Данок на промет на недвижности

Во случај кога недвижноста е стекната со продажба во стечајна постапка, а не по основ реализација на заложно право, настанува промет на недвижност, согласно член 19 став 1 од Законот за данок на имот. Странката станува даночен обврзник за стекнатиот идеален дел од имотот чија пазарна вредност преставува даночна основа за пресметување на данок на промет на недвижност. Во случајов неможе да се примени одредбата од член 25 став 1 точка 12 од Законот за даноците на имот, туку како даночна основа е земена постигнатата продажна цена и е утврдена даночна основа, согласно член 21 став 4 од Законот за даноците на имот.

Сентенци на Вишиот управен суд од имотноправната област, за правата од работен однос и за даночните права

Сентенци на Вишиот управен суд за права од работен однос, даночни права, имотноправна област и други права

Сентенци на Вишиот управен суд за прашања од имотно-правната област, правата од пензиско и инвалидско осигурување и даночните права

Сентенци на Вишиот управен суд за имотни права, за права од пензиско и инвалидско осигурување и за даночни права

Сентенци од специјализираните судски оддели на Вишиот управен суд

М.В