/ Прочитано:

1.472

Нови закони за хартии од вредност за повеќе инструменти и поголема стабилност на пазарот на капитал

Министерот за финансии Драган Тевдовски за идната година најави нова законска регулатива за пазарот на хартии од вредност, со која ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот.

„Во агендата на Министерството за финансии за идната година е една од најголемите реформи во областа на пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони – Закон за финансиски инструменти и Закон за проспекти за хартии од вредност и обврски на издавачите за транспарентност. Со новите закони ќе се воспостави јасна и сеопфатна рамка на македонскиот пазар на капитал, што пак ќе придонесе за неговиот развој и усогласеност со законодавството на ЕУ во оваа област. Со донесувањето на новата законска регулатива ќе се создадат услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Република Македонија, ќе се обезбеди повисоко ниво на стабилност на пазарот, ќе се зајакнат овластувањата на надзорните органи, и ќе се подобри заштитата на инвеститорите и на сите учесници на пазарот. На тој начин ќе се обезбеди една модерна и софистицирана законска  регулатива, која во целост ќе биде усогласена со европската регулатива, а во исто време ќе го има предвид и сегашното ниво на развиеност на домашниот пазар не предизвикувајќи на тој начин дополнителни дисторзии на пазарот и следејќи ги во целост неговите специфики“, истакна министерот за финансии Тевдовски.

Инаку, денеска за првпат се одржа седница на Советот за развој на македонскиот пазар на капитал кој е формиран за системско решавање на предизвиците и за креирање на една сеопфатна стратегија за идно позиционирање и развој на македонскиот пазар на капитал. На денешната седница Тевдовски, исто така, нагласи дека ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар.

М.В